Земјава треба да добие над 50 милиони евра во форма на предфинансирање, во рамките на Планот на раст, но исплатата се одолжува затоа што Србија поставила дополнителни прашања во однос на својот договор. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамките на својата работна посета на Брисел.
Во однос на оцената во најновиот извештај на ЕК за напредокот на земјава на европскиот пат, дека таа е умерено подготвена во делот на финансиските услуги, како и за препораките да ја усогласи својата банкарска регулатива со европската и да се забрза имплементацијата на законодавството за регулирање на пазарите на капитал, Димитриеска-Кочоска вели дека тоа се услови што треба да се спроведат во наредниот период.
– Како Влада, имаме разговарано и дискутирано. Но, за да можеме, како Министерство за финансии, да ги направиме промените, претходно промени треба да претрпат други закони, бидејќи оттаму влечеме одредени терминологии. Како резултат на тоа, чекаме прво да се направат тие промени – рече Димитриеска-Кочоска.
Како пример, таа го посочи Законот за банки, каде што треба да направат промени во делот на дефинирањето на холдинзите за да го усогласиме со законодавството на ЕУ, а ние, во нашата терминологија во Законот за трговски друштва, во овој момент немаме терминологија за холдинг.
– Така што, прво треба да се измени тој, па потоа да ги направиме измените во Министерството за финансии. Ние, секако, работиме и во оној дел за тоа што треба да се измени и сме подготвени дотаму до каде што се нашите ингеренции – потенцира таа.
Во однос на забелешката на ЕК дека „капацитетот на Министерството за финансии во регулирањето и надгледувањето на финансиските друштва не е доволен за заштита на потрошувачите, Димитриеска-Кочоска истакна дека во изминатиот период е направена промена на Законот за финансиските друштва и како резултат на тоа, се предвидува Министерството да биде регулатор и да прави и ревизии на финансиските друштва.
– Нивната реакција е токму во тој дел, со што комплетно се согласувам, затоа што има многу малку луѓе во институцијата и ние веќе работиме на тоа. Но, за четири месеци не може се да подготвите, бидејќи подготвуваме ребаланс на буџетот, буџетот за 2025 година и други усогласувања со реформската агенда – додаде министерката за финансии.
Во врска со препораките од извештајот во делот на финансиските и буџетските одредби, за поефикасна примена на мерките за намалување на даночната евазија, измамите и неформалната економија, како и за подобрување на внатрешната контрола во јавниот сектор, Димитриеска-Кочоска нагласи дека во изминатиов период Владата и на дело покажала дека сериозно работи на спроведување на овие барања.
– Жално е што ги бара ЕУ, секоја одговорна Влада требала да ги преземе сите овие обврски и да си ги заврши работите, а не да чека некој друг да ја потсети за нешто што значи домашно регулирање или испорачување на обврските. Како Министерство за финансии, заедно со УЈП, сериозно работиме на воведување на е-фактурата, која би требало да значи сериозна борба со сивата економија. Во исто време, Царинската управа, исто така, сериозно работи во делот на контрола на влезот на стоки во државата. Така што можам да кажам дека имаме сериозно подобрување во тој дел, на сите перформанси или насоченост во подготовката на одредена дигитализација на софтвери и системи, со цел да ја намалиме даночната евазија – рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, во многу краток период, Министерството за финансии направило многу работи, посочувајќи како пример дека УЈП привршува и одредени предмети за злоупотреба на средства од државата во однос на повратот на ДДВ.
– И тука очекувам дека во скоро време ќе излезат и записниците, како резултат на што ќе постапуваат надлежните институции. Со тоа, покажуваме дека ги контролираме многу внимателно сите исплати од буџетот кога станува збор за повратот на ДДВ – нагласи министерката.
Во однос на трошењето на буџетските пари, Димитриеска-Кочоска потсетува дека секој може да ги погледне буџетот и неговото извршување.
– За октомври сè уште не се излезени податоците, но можам да кажам дека во октомври имаме буџетски суфицит – изјави Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека може да се каже оти навистина е воспоставена контрола во делот на буџетските трошења.