Култниот ексјугословенски рокенрол бенд „Прљаво казалиште“, оваа сабота 9.11. на концерт во Скопје во арената „Борис Трајковски“
Штом ќе ги споменете култните стихови „Моје име је Даворин Боговиќ, а све ово око мене је црно-бијели свијет“ или оние уште попознати „Све је лако кад си млад, баш те брига с ким ќеш леќи, крв и сузе могу теќи“, нема сомнеж дека станува збор за славната рокенрол-група „Прљаво казалиште“ од Загреб и нејзиниот основач Јасенко Хоура, а кои деновиве е во Скопје, тој и другарите. Со право се чувствуваат за легенди на (екс)југословенскиот рокенрол!
Причината е концерт во скопската арена „Борис Трајковски“, кој е како што дознаваме, однапред распродаден! Очигледно дека македонската публика сè уште ја памти и ја сака музиката на популарните „Прљавци“, како што нагалено ги викаме. Иако од нивните почетоци на естрадата поминаа повеќе од 40 години, тие се чувствуваат како да се на почетокот на кариерата. Имаат непресушна енергија и мотивација за новите успеси. Никогаш не им е здодевно!
Но и не секогаш во така долга кариера имаа убави случувања. За жал, многу се, а Јасенко не сака да се враќа на сите тие, поубаво му е кога ги памти само среќните денови.
-Во тие години кога јас почнував со групата, а бев навистина сè уште премногу млад, имав само 17 години, во мода беа класичните шлагери, оние со Тереза, Габи, Љупка, Лола, Мишо, Мики, вели Јасенко, кој не го криеше своето воодушевување додека во рацете го држи дневниот весник ВЕЧЕР. И да продолжам… Снимавме за тогашниот „Југотон“, кој и не беше нешто заинтересиран за нас, бидејќи ние како бенд воопшто не бевме шлагерска група од типот на групите „Нови фосили“ или „Дубровачки трубадури“, а сите тие плочите ги продаваа и во 600 илјади примероци. Не им бевме „златна кокошка“! Свиревме сосема поинаква музика. Но, луѓето брзо се пронајдоа во тие нашите песни кои станаа големи хитови, поинакви од шлагерите.
Каде ја наоѓаше инспирацијата за песните?
-Во секојдневието, во животот на обичниот човек. На пример, кога го подготвував вториот албум многу се возев со трамваите во Загреб ноќно време, кога нема гужва, на релацијата од Дубрава до Трешњевка.
Дали сега те фаќа носталгија по тие поранешни времиња, кога своето значење и влијание го имаа големите ЛП плочи и нешто подоцна касетите, а секако и насловните страни и текстовите во весниците?
-Секогаш постои некоја трошка носталгија. Денес апсолутно ништо не значат албумите, слаба е продажбата, се е во „рацете“ на интернетот. Со весниците на секаде е скоро исто. Не е розова ситуацијата. Не знам како поминува печатот во Македонија, драго ми е кога вака можам да прелистувам дневен весник, како што ми го подаривте вашиот ВЕЧЕР, но знам дека кај нас во Хрватска повеќемина се мачат. Порталите максимално си ја постигнаа својата цел. Треба да си сега некој добар јасновидец, па да знаеш што понатаму ќе се случува на медиумскиот пазар. Впрочем како и на музичкиот. Веќе ниту еден музичар не живее од продажбата на ЦД-изданија, сите заработуваме од концертите. Кој ќе преживее ќе раскажува!
–
0 Дали твојата љубовна трагедија се крие во стиховите на големиот хит „Tu noć kad si se udavala“ (Таа ноќ кога си се мажела)?
– Се зборуваше низ чаршијата дека имав девојка, моја голема љубов,тогаш кога требало да одам во војска. Знаете, во она време девојките ги чекале момчињата да се вратат од војската. Според тие приказни мојата иако кажала “да“, не ме дочекала. Наводно си пукала во главата. Јас ниту некогаш сум ја демантрирал, а ниту сум ја потврдил оваа случка која другите со години ја раскажуваат. Сè е оставено на претпоставка и фантазија на голем број луѓе. Затоа јас, пак, ќе молчам!
„Песните на Јасенко Хоура се очигледна потреба за секоја нова генерација, приемчива, идентификувачка. Хура е одличен автор, композитор и текстописец, а „Прљаво казалиште“ се одлични аранжери и изведувачи на неговите песни“, напиша за нив во својата брошура добро познатиот телевизиски новинар Анте Батиновиќ.
Имаш можеби некое такво чувство дека ти доаѓа време за одење во пензија?
–Не, не, бидејќи тоа би било како да си во некоја фирма која вработените ги испраќа со златен часовник, со гостење во кафеана. Јас имам среќа што го работам пред сè тоа што го сакам, работа која ми овозможува воопшто да не мислам на пензионерските денови. Сè уште не кажав сè во музиката. Без разлика што со годините човекот го тормозат секакви лудаци. Но мора да се остане професионалец. Најтешко беше во времето на короната. Имавме тогаш предолга концертна пауза, не свиревме. После првиот концерт по короната мислев дека е „крај на светот“. До толку бев исцрпен. Ја изгубив физичката кондиција. Затоа мислам дека со одење во пензија на човекот му е всушност физички понапорно. Телото се опушта и тоа не е веќе тоа што би требало да биде.
Албумот „30 години од концертот на Плоштадот: Арена-Загреб“ е со триесет и два хита со кои “Прљавци“ ја воодушевија публиката и покажаа дека тие навистина се група за големи сцени и масовна позитивна „хистерија“ со која лесно ја освојуваат и помладата публика. Така ќе биде и во Скопје.
Меѓутоа хитот „Мојој мајци – ружи Хрватској“ не беше насекаде најдобро прифатен?
-За таа песна јас сум интимно врзан. Напишана е за три минути. Другите поинаку ја доживуваат и поинаку ја слушаат. Приказната за која се зборува во песната не е весела. Кај нас во Хрватска е апсолутен хит. И тука треба да е крај на муабетот….
Дуле Миќиќ