Пред пет години, кога група атлетски ентузијасти од Гевгелија го формираа атлетскиот клуб „7 Ноември“, малкумина од нив веруваа дека по пет години, освен што ќе достигне бројот на активни членови (од 30) до 110, туку и дека клубот ќе смогне сила, заедно со Општина Гевгелија, во 2021 година да ја организира првата улична трка во Гевгелија, „November run“.  Тогаш организаторите, АК „7 Ноември“ и Општина Гевгелија, добија висока оцена за одличната организација на дотогаш најмасовната атлетска трка во Југоисточниот Регион, на која учествуваа 639 натпреварувачи, на трките на 5 и на 10 километри.

Овој викенд, на 9 и 10 ноември 2024 година, на четвртата по ред улична трка „November run 2024“, низ улиците на Гевгелија ќе трчаат над 2.700 тркачи, на вкупно шест трки, со што ова ќе биде најмасовната трка организирана не само во регионот туку и во Македонија.

По тој повод, претседателот на клубот „7 Ноември“, Игор Коцевски, специјално за ВЕЧЕР изнесе детали за трката.

До каде се подготовките за четвртата по ред улична трка „November run 2024“ и кој е организатор?

– Подготовките за трката течат според планираното, веќе е затворено пријавувањето. Организатор на настанот е АК „7 Ноември“ – Гевгелија, заедно со Општина Гевгелија, а трката се реализира по повод чествувањето на 80-годишнината од ослободувањето на нашиот град. Додека инклузивната трка „Run together“ ја организираме заедно со Фондацијата „Ице Бегов“.

Колку трки се предвидени во двата атлетски дена?

– Предвидени се шест трки, четири в сабота, а в недела. Настанот ќе биде отворен со инклузивната трка „Run Together“, која ќе  започне во 13:30 часот, а потоа во 14:30 часот ќе стартува првата трка за деца родени 2011-2013 година, за потоа во 15:00 часот да се одржи втората трка за деца родени 2014-2017. Во 15:30 часот, денот ќе заврши со третата трка за деца од 2018 година и помлади. Наредниот ден, в недела, на 10 ноември, ќе се одржи главниот настан, а тоа ќе бидат трките на пет и на десет километри, чиј почеток е закажан за во 9:00 часот. Трката на 10 километри е од меѓународен карактер и ќе биде бодувана за државното првенство на оваа патека.

Дали се знаат бројот на учесници и земјите од каде што доаѓаат тие и дали има некое специјално тркачко име што ќе настапи оваа година?

– Пријавени се 1.200 учесници за главниот настан, трките на пет и на десет километри, а меѓу нив се и 50-мина натпреварувачи од странство. Ќе има учесници од сите соседни држави, а ќе настапат и тркачи од Шпанија, Германија и како изненадување, ќе има натпреварувачи од Република Еритреја и од Кенија. Од попознатите натпреварувачи, да напоменеме дека ќе учествува голем дел од елитната тркачка фела, како: Дарио Ивановски (повеќекратен државен рекордер на 10 километри и олимписки претставник на Македонија), Адријана Поп Арсова (државна рекордерка на 10 километри), Миљана Ристиќ, Жан Тошев, Игор Јакимовски, Кокан Ајановски…  Од претставниците од другите држави, голем интерес ќе предизвикаат: Seare Weldezghi, кој има најдобар резултат на 10 километри, со време од 29:11, а од Република Еритреја ни доаѓа LC Uster Team, Kennedy Kipkemoi Rono, Valentine Bendek-Jebet, Bethwel Kiprono Chemweno од тимот „Bendek“ од Кенија и други.

Дали се предвидени парични награди?

– Предвидени се парични награди за трките на пет и на десет километри, награди за рушење на државниот рекорд на 10 километри, како и парична награда за рушење на рекордот на патеката. За детските трки, предвидени се непарични награди.

Кој ќе се грижи за подготовката на патеката и за редот покрај неа?

– За подготовка на патеката ќе се погрижат голем број членови и волонтери на атлетскиот клуб „7 Ноември“ и, се разбира, во обезбедувањето на патеката и во регулирањето на сообраќајот главната задача му е доделена на МВР Гевгелија. Исто така, ќе бидат присутни и тимови на медицинската помош и единица на противпожарната служба на Гевгелија.

Каде ќе можат натпреварувачите да ги подигнат тркачките пакети?

– Подигањето на пакетите почна во четвртокот и петокот, во просториите на Пионерскиот дом, додека в сабота пакетите ќе се делат во просториите на Градскиот театар.

Една од особеностите на овој настан е инклузивната трка „RUN TOGETHER“, во соработка со Фондацијата „Ице Бегов“. Дали и тука ќе има голем број учесници?

– За инклузивната трка „Run Together“ со која и ќе започне целиот настан в сабота во 13:30 часот, пријавени се 800 учесници. Одѕивот за трката е голем и иако таа не е од натпреварувачки карактер. Желбата да се покаже дека и лицата со хендикеп се рамноправни со сите други е поголема од која било награда.

Кој го држи рекордот на патеката во машка конкуренција на 10 километри и дали има шанси тој да биде соборен?

Дарио Ивановски го постави новиот рекорд на 10 километри во Гевгелија, со време од 29 минути и 58 секунди. Имајќи ги предвид подготвеноста и конкуренцијата годинава, се надеваме дека Дарио ќе успее да го повтори успехот и да постави нов национален рекорд токму во Гевгелија. Но, нема да биде чудно доколку изненадат некои од натпреварувачите од Еритреја и од Кенија, особено Хилари Кимаијо од Кенија, која, според резултатите, може да приреди изненадување, па дури и да биде подобра од машките тркачи и да биде како во изреката: прво, па женско.

Љубчо Алексовски