Се повлекуваме од партнерството со Град Скопје за кандидатурата за Европска младинска престолнина 2027 година

155

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) се повлекува од партнерството со Град Скопје за кандидатурата на Град Скопје за Европска младинска престолнина 2027 година.

Оттаму информираат дека дошле до оваа одлука по неколкуте обиди да стапат во контакт со претставниците на Градот, кои требало заеднички со нив да ја презентираат кандидатурата на Градот пред жири-комисијата за Европска младинска престолнина и по повеќето барања за состанок за координација за презентацијата.

– Неуспехот да стапиме во контакт и да воспоставиме одржливо партнерство на самиот почеток само ни покажа дека Градот не им е суштински посветен на младите и кандидирањето за оваа титула не е мотивирано од вистинската потреба за поставување на младите високо на листата со приоритети. Овој заклучок дополнително ни се потврдува со фактот дека Градот не покажа доволно посветеност за надминувањето на препреките за формирање локален младински совет, усвојување локална стратегија за млади, ниту, пак, за отворање младински центар, дел од механизмите штосе основа и на самата кандидатура за Европска младинска престолнина 2027 – соопштија од Националниот младински совет на Македонија.

Тие додаваат дека нивна основна заложба е да застапуваат суштинско вклучување на младите и апелираат до претставниците на локалните и на националните институции активно да се вложат во обезбедувањето услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики што одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси, велат, целосно им стојат на располагање.

Притоа нагласуваат дека и покрај овој резултат, тие ќе продолжат да бараат поддршка и да вложуваат напори визијата што ја имаат за Скопје да стане реалност, активно да ги поддржуваат младите и да застапуваат пред институциите политики што ги адресираат нивните приоритети и обезбедуваат подобри младински стандард и квалитет на живот.