– Сите забележуваме колку се поубави улиците каде што се ослободени тротоарите и каде што има велосипедски патеки и зеленило наместо само автомобили, автомобили, автомобили. Со имплементација на мерки, во Вилнус ги намалиле бучавата, сообраќајките, моторниот сообраќај во центарот, а интересно, го зголемиле бројот на посетители, сето тоа поткрепено со бројки – набројуваат од „На точак“.
Воедно, ја изградиле и првата велосипедска улица со црвен асфалт и калдрма за забавување, каде што приоритет имаат велосипедите, а автомобилите се гости, кои треба да се приспособат
Од групата скопски велосипедисти „На точак“ сметаат дека нашата метропола, во однос на воспоставувањето велосипедска инфраструктура, треба да учи од главниот град на Литванија, Вилнус, кој минатата година беше избран за зелена престолнина на Европа за 2025 година.
Притоа, наведуваат дека голем дел од таа одлука се темели на напорите на градот за обновлива енергија, обновување на биодиверзитетот и климатска адаптација, но, исто така, и на напорите за одржлива мобилност.
Тие прават паралела на овој град со Скопје, бидејќи се слични по големина и по бројот на жители.
– И покрај тоа што има остри зими, градот си поставил цел да стане „Амстердам на северот“. За само осум години, од 2016 до 2024, изградени се 164 километри велосипедски патеки со црвен асфалт и зголемено е модалното учество на велосипедскиот сообраќај од 1,5 на 4,5 %, во два политички мандата – потенцираат од „На точак“.
Додаваат дека обемот на велоинфраструктурата во Вилнус е поголем, а промената во Скопје, како што потенцираат, се случила и порано.
– Во претходните два мандата, Скопје реновираше и изгради 130 километри велосипедска инфраструктура. Да продолжеше Скопје со истото темпо, сега ќе го имавме надминато и Вилнус – сметаат од „На точак“.
Но, за разлика од Скопје, како што велат од „На точак“, сега целта во Вилнус е да изгради по 20 километри велосипедски патеки годишно и 60 % од жителите на Вилнус да имаат велопатека од висок квалитет, на 250 метри од својот дом, а модалното учество на велосипедскиот сообраќај во вкупниот да изнесува 7,5 % до 2030 година.
Понатаму, истакнуваат дека ограничувањето во центарот на овој град е 20 километри на час, со еднонасочни улици и малку влезови и излези, со што им се овозможува на жителите во центарот да пристапат со возило, но се обесхрабрува транзит.
Групата скопски велосипедисти ентузијасти го цитираат градоначалникот на Вилнус: „Автомобилите не смеат да доминираат во најубавиот дел од градот. За да може да се доживее неговата убавина, треба да се сведат на минимум“.
– Сите забележуваме колку се поубави улиците каде што се ослободени тротоарите и каде што има велосипедски патеки и зеленило наместо само автомобили, автомобили, автомобили. Со имплементација на мерки, во Вилнус ги намалиле бучавата, сообраќајките, моторниот сообраќај во центарот, а интересно, го зголемиле бројот на посетители, сето тоа поткрепено со бројки – набројуваат од „На точак“.
Воедно, ја изградиле и првата велосипедска улица со црвен асфалт и калдрма за забавување, каде што приоритет имаат велосипедите, а автомобилите се гости, кои треба да се приспособат.
Ваквиот вид велосипедска инфраструктура, велат од „На точак“, сега има легален статус во Литванија и очекуваат да ја има и кај нас, со измените на правилниците штосе предлагаат.
– Вилнус покажува дека не е прашање на техничко знаење (знаењето денес лесно се споделува) или буџет да се биде поодржлив град, туку е прашање на политичка волја – нагласуваат од „На точак“ и прашуваат: Имаме ли волја да си ги направиме градовите поубави?
Имаме ли волја да бидеме барем претпоследната, а не последната држава во Европа што ќе донесе правилник за велосипедска инфраструктура?
(А.П.)