Ѓорче Петров се приклучи кон глобалната иницијатива „Да ги направиме градовите отпорни 2030“

16

Општина Ѓорче Петров се приклучи кон глобалната иницијатива „Да ги направиме градовите отпорни 2030“ (MCR2030).

– Овој потег претставува значаен чекор кон развој на локалниот капацитет за управување со ризиците и подобрување на отпорноста на заедниците пред природните катастрофи, со цел осигурување на безбедноста и на благосостојбата на сите граѓани. Општината Ѓорче Петров, во соработка со UNDRR и со Центарот за управување со кризи, има уникатна можност да работи на зајакнување на инфраструктурата и на подобрување на свеста за ризиците што ги носат природните катастрофи – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека преку техничка поддршка и пополнување на картата за резултати за отпорност на катастрофи, Ѓорче Петров прави чекори кон создавање подобро координирана и поодржлива заедница.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека процесот на проценка на отпорноста е само почеток, нагласувајќи дека целта е градење политики и стратегии што не само што ќе бидат локално адаптирани туку и усогласени со глобалната рамка за намалување на ризикот од катастрофи.

– Со своите партнери, Општина Ѓорче Петров останува посветена на вложувањето во капацитетите на своите заедници, правејќи ги поотпорни и способни да се адаптираат и да закрепнат по секоја катастрофа – заклучи Стојкоски.