Трошела службени пари за приватни цели

ДКСК иницира постапка против екс министерката за култура

779

Антикорупциската комисија иницира постапка за злоупотреба на буџетски средства за приватни цели од страна на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Членот на комисијата Зоран Богоевски рече дека наводите за злоупотреба на парите се случила на службено патување во Лондон по повод 30 годишнината од дипломатските односи со Велика Британија.

„Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи“, рече членот Зоран Богоевски.

По извршениот увид во документите испратени од министерството за култура, за патувањето било побарано аванс од 1300 англиски фунти, од кои според ДКСК, 280 фунти не можат да се квалификуваат како трошоци за репрезентација и дополнително уште 485 фунти не биле потрошени за службени цели. Антикорупциска ги потврдува наводите од претставката и иницира постапка пред надлежен орган.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што соопштија од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.