Трамп не го враќа зетот Џаред Кушнер во Белата куќа

45
EPA-EFE/Chris Kleponis

Зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, нема да се врати во Белата куќа, но би можел да биде советник за политиката на Блискиот Исток, изјавија извори за Фајненшл Тајмс.

Кушнер беше еден од главните советници на Трамп минатиот мандат и одигра клучна улога во преговорите што доведоа до Абрахамскиот договор, со кој беа воспоставени дипломатски односи меѓу Израел и неколку арапски земји, вклучувајќи ги ОАЕ, Бахреин, Судан и Мароко.

Следната администрација на Трамп планира да продолжи со проширување на бројот на арапски земји кои имаат дипломатски врски со Израел, а Саудиска Арабија би можела да биде клучна, пишува списанието.

Иако Кушнер нема да биде дел од официјалната администрација, сојузниците на Трамп очекуваат тој да има советодавна улога за политиката на Блискиот Исток, со оглед на неговите блиски работни односи со официјални лица во Израел.

Кушнер, заедно со неговата сопруга Иванка Трамп, беше централна фигура во поранешната администрација и оттогаш живее во Мајами. Во 2021 година го основа инвестицискиот фонд „Афинити Партнерс“ вреден три милијарди долари, кој главно го финансираат странски инвеститори.

Додека се собира тимот за национална безбедност во новата администрација, како можен кандидат за функцијата министер за надворешни работи или за советник за национална безбедност се споменува Ричард Гренел, поранешен амбасадор на САД во Германија и поранешен специјален пратеник на американскиот претседател за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Поранешните функционери – Мајк Помпео, кој беше државен секретар и сенаторот Бил Хејгерти, исто така, се очекува да бидат меѓу кандидатите кои се разгледуваат за клучните позиции.

Тимот на Трамп, исто така, размислува да ангажира клучни функционери за национална безбедност за Блискиот Исток, вклучително и поранешната функционерка на Советот за национална безбедност Викторија Коутс и Мигел Кореа, поранешен генерал кој работеше со Кушнер.