Цената за приклучок на гас во Куманово изнесува 1.250 евра за физичките субјекти, додека за правните е 1.885 евра, соопштија надлежните од претпријатието „Куманово гас“.
Оттаму велат дека се одлучиле да побараат зголемување на оваа цена поради повисоките цени на приклучните елементи. Од друга страна, Општина Куманово донесе одлука субвенцијата за приклучок да изнесува 25.000 денари. На последната седница на Советот, одлуката за зголемувањето на цената за приклучок беше прифатена.
– Последнава 2024 година, зголемени се цените на приклучните елементи речиси за 55 проценти. Направивме детална анализа на куќниот приклучок за гасификација и дојдовме до цена од 77.000 денари, па бевме принудени да побараме од Советот на Општина Куманово зголемување на цената за приклучок, поради актуелните пазарни цени на кои никој не може да влијае. Советот ја прифати мерката. Ако не се случеше тоа, тогаш ќе бележевме загуба, што е спротивно на интересите за ширење на дистрибутивната мрежа и за нови приклучоци – објасни директорот на претпријатието „Куманово гас“ , Марко Митровски.
Во земјава има само две јавни претпријатија за гасификација, кои, преку јавни набавки, ги обезбедуваат приклучните тендери. Како што соопштија од „Куманово гас“, на тендерот со години се јавуваат една-две фирми, кои имаат приклучни елементи и обучен кадар за приклучок.
– Вредноста на субвенцијата е 30 отсто од цената на приклучокот, така што сега субвенцијата изнесува 25.000 денари – изјави Митровски.
На последната средба со надлежните од Министерството за енергетика, од „Куманово гас“ предложиле и Министерството да обезбеди субвенции за приклучокот на гас.
– Останува како предлог и се надевам дека ако има средства, граѓаните ќе добијат субвенција и од Министерството, која ќе овозможи приклучок на семејствата во градот – наведе Митровски.
Дистрибутивната мрежа ќе се прошири кон Доброшане, околу два километра. Таму е лоцирана индустриската зона со неколку позначајни кумановски компании. Тоа е еден од проектите што ќе ги поддржи Владата за Куманово. Од „Куманово гас“ очекуваат Општината наскоро да го распише тендерот, да се јават заинтересирани компании и да почне постапката.