Трошоците за унгарскиот кредит ќе ги плаќаме сите

426

Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем и воопшто не е вклучена во овој процес. Ќе може да излезе со став откако ќе има подетални сознанија. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека домашните компании ќе ги добијат парите од унгарскиот заем под истите услови под кои беа земени. Тој рече дека парите се веќе стигнати на сметката на Народната банка и оти сè уште се преговара со комерцијалните банки околу тоа каква би била обврската на државата кон нив. Од политичката партија Левица обвинија дека трошокот за унгарскиот кредит се префрла врз грбот на граѓаните.

Од Народната банка изјавија дека немаат подетални сознанија за разговорите и за договорот меѓу банките и Владата.

– Новиот договор на Владата со комерцијалните банки за пласирање на унгарскиот кредит повторно го става товарот врз грбот на граѓаните, кои ќе треба да вратат близу 100 милиони евра по основ на камата што ја побарува Унгарската експорт-импорт банка. Двесте и педесет милиони евра, пари земени од унгарскиот кредит, Владата ќе ги пласира во приватниот сектор, преку комерцијалните банки – велат од Левица.

Премиерот Мицкоски претходно изјави дека преговорите со комерцијалните банки не оделе како што очекувале, па паднал договорот каматата за овој кредит да ја плаќаат граѓаните. Министерството за финансии ќе ѝ префрли 250 милиони евра на Развојната банка, која треба да им ги позајми овие средства на комерцијалните банки.

– Овој кредит првично се најавуваше како шанса за економски раст, а се претвора во трошок на граѓаните и поддршка на привилегираните компании блиски до власта. Вистината е дека граѓаните се тие што ќе плаќаат за овој заем во годините што доаѓаат, додека подобните фирми блиски до власта ги собираат придобивките – се вели во соопштението од Левица.

Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска рече дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стабилизирање на јавниот долг. Во оваа насока, ги повтори препораките на меѓународните финансиски институции: постепена фискална консолидација, постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и интензивирање на структурните реформи.

– При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија, која беше донесена неодамна и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година.

Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стабилизирање на јавниот долг, подвлече Ангеловска-Бежоска.

Останува потребата, дополни, од водење прудентни домашни макроекономски политики за да нема нов бран инфлациски притисоци.