Почна акцијата за пошумување на градскиот, соколанскиот парк и кејот во Куманово

1043

ЈП „Чистота и зеленило“ денеска почна со акција за пошумување, која ќе трае во наредните два месеца.

Обезбедени се 1.815 садници, кои ќе бидат насадени во Градскиот и во Сколанскиот парк, како и на кејот во Куманово. Садењето ќе се спроведе во четири етапи. Првата фаза почнува во Градскиот парк. Екипите ќе насадат шестотини зимзелени садници. Во наредниот период ќе се садат листопадни и зимзелени садници на градскиот кеј, потоа во Соколанскиот парк и повторно во Градскиот парк.

– Садниците се обезбедени преку прекуграничната соработка. Имаме и дополнителни садници, наше производство, кои ќе се садат на повеќе локации. Ги замолуваме граѓаните да не ги корнат. Од нашите садници, претежно се грмушки, перени, листопадни и зимзелени садници – изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.

Уништувањето на садниците е честа појава во Куманово, додаваат надлежните и апелираат проактивно дејствување на инспекциските служби и на службите на МВР за санкционирање на несовесните кумановци.

Општина Куманово во мај годинава спроведе една јавна набавка за садници, во износ од милион денари.

Од локалната самоуправа велат дека одвојуваат најмногу средства во државата за мерки против аерозагадувањето. Како долгорочни ги сметаат гасификацијата и пошумувањето.

Kумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, најави дека се обезбедени висококвалитетни листопадни брзорастечки садници за наредниот период, кои ќе се садат во зелените зони што ќе се формираат.