Во Македонскиот народен театар (мала сцена), на 8 ноември, од 20 часот, ќе се одржи праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ. Претставата е копродукција помеѓу Перипетија продукција и Македонски народен театар, во соработка со Фондација „Ацо Шопов“.

-„Марта Верина“ е првенствено приказна за жена која истовремено е и херој и антихерој. Жена која поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек кој засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ што ја направил. Претставата всушност сака да отвори клучни прашања за тоа колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ кои сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себеси, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот кој безмилосно отфрла, се вели во најавата за претставата.

Од Перипетија продукција посочуваат дека инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи, давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како „жртвите“, кои тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор.

-Отворајќи прашања за тоа дали космички сме предодредени да ги плаќаме „гревовите“ на нашите родители или сепак станува збор за избори кои се предизвикани од наученото однесување со кое сме растеле, текстот наметнува многу прашања, а најмногу дали навистина постои карма или пак личните избори ни ја предодредуваат судбината, додаваат оттаму.

Во претставата улогите ги толкуваат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселонов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова.

Како дел од проектот објавена е и книга чија промоција ќе биде одржана во рамки на премиерната изведба на претставата.