Македонија денеска се прости од Васко Саздовски: Скромниот човек со брилијантен ум, кој трагично загина во несреќата во Нови Сад

952

Денеска во Скопје е погребан Васко Саздовски, Македонецот кој трагично загина во несреќата на 1 ноември, кога во Нови Сад се урна настрешницата на железничката станица. Васко Саздовски како исклучително стручен научник, oд пред една година работел во Институт во Нови Сад, каде што се занимавал со роботика и истражување и развој на информатички технологии за земјоделство.

За жал дури по несреќата сите разбраа кој е Васко Саздовски, Македонецот, првенец на генерацијата, научник, иноватор, спортист, планинар, сопруг и татко на две деца…

– Работеше во Центарот за сензорски технологии. Тој беше многу искусен роботичар кој работеше во Германија, но го избра „Биосенс“, што исто така ни претставува чест. Колку бил добар говори и тоа што е избран од Министерството за наука за научно место за да продолжи да работи овде во Србија. Голема загуба за „Биосенс“, голема загуба и за нашата и за светската наука – рече директорот на „Биосенс“ во интервју за „Блиц“.

Тој речиси секој викенд патувал во Македонија за да биде со сопругата и двете деца. Тој на 1 ноември се враќал дома, кога заедно со уште тринаесет лица трагично загина на железничката станица во Нови Сад.

Збогувајќи се со Саздовски, од Универзитетот во Нови Сад, под чие покровителство е „Биосенс“, соопштија дека д-р Саздовски (1979-2024) докторирал на Универзитетот „Кранфилд“ во Обединетото Кралство, при што работел на истражувачки студии на Центарот за автономни системи, Одделот за информатика и системско инженерство, одбрана и безбедност „Кранфилд“, Академија за одбрана на Обединетото Кралство.

Тој претходно магистрирал електротехника на Универзитетот Кирил и Методиј и дипломирал воздухопловство на Воената академија во Македонија.

„Македонија изгуби, еднаш кога дозволи таков мозок како Васко да си замине од тука. И синоќа повторно. Овој пат неповратно!“