Златна маска е дел од откритијата кои се пронајдени на новиот археолошки локалитет во село Волино?! Ова денеска го објави порталот Охрид 1, според чии сознанија археолозите пронашле и златници, ќуп и коски.

Како што неофицијално се дознава можно е да се работи за „цел град“ под земјата.

Она што исто така дознаваме е дека археолозите се на теренот, а областа која е приватен имот, е затворена за јавноста.

Од Музејот и Завод Охрид под чија надлежност се ископувањата, ни потврдија дека се работи за нови откритија кои утре ексклузивно ќе бидат објавени од страна на Министерот за култура и туризам од самото место.

Иако не сакаа да откријат за што точно се работи, сепак ни посочија дека презентацијата на се она што е пронајдено ќе биде утре во дирекцијата на Охридскиот музеј и Завод.

Златна маска и ракавица откриени при археолошки истражувања во Требеништа во 2002 година

Инаку, на 30 септември 2002 год., откриена беше гробница со седумдесеттина гробни прилози од разновиден материјал (керамикакилибарстаклена пастажелезобронзасребро и злато), а меѓу нив најзначајни и најексклузивни се два: златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен. Ова е епохално откритие за македонската, балканската и европската археологија бидејќи фрла дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола “Требеништа” која се наоѓа кај с. Горенци во близината на Охрид и каде што во првата половина на 20 век, во 1918 година и 1934 година се откриени, исто така, надалеку прочуените четири златни маски (денес две во Белград и две во Софија).

Временската припадност на оваа гробница и на сите наоди во неа е 5 век пр. н.е., и е најстаро погребување во рамките на лихнидската некропола.