По победата на Трамп, иранската валута падна на историски минимум

77

По повторната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, иранската валута риал денеска падна на најниско ниво во историјата, сигнализирајќи нови предизвици пред Техеран, објави денеска „Њујорк пост“.

Според извори од Техеран, денеска е соборен рекордот на најниска вредност на иранската валута, кога 703.000 ирански риали вределе еден долар, а во текот на денот валутата благо закрепнала со вредност од 696.150 риали за 1 долар.

Во времето на нуклеарниот договор на Иран со светските сили во 2015 година, според официјалниот курс, 32.000 риали вредеа еден долар.

За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп еднострано ја повлече Америка од тој договор во 2018 година, што предизвика тензии меѓу двете земји кои продолжуваат до ден-денес.

На денот кога реформистичкиот претседател на Иран Масуд Пезешкијан положи заклетва и го започна својот мандат, на 30 јули оваа година, 584.000 риали вредеа еден долар.

Иранската влада со недели се обидува да го минимизира влијанието на резултатите од претседателските избори во САД врз Техеран, а тој став денеска во кус коментар го повтори и портпаролката на администрацијата на Пезешкиан, Фатема Мохаџерани.

„Изборот на американскиот претседател нема никаква врска со нас. Главните политики на Америка и Исламската Република се фиксирани и нема значително да се променат со тоа што едни ќе ги заменат другите. Веќе однапред ги направивме потребните подготовки“, изјави Мохаџерани.