Скандал во Британија: Лекар е осуден на 31 година затвор за обид за убиство со лажна вакцина против Ковид-19

105

Британски лекар кој бил незадоволен од наследството и на партнерот на мајка си му вбризгал отров кој лажно го претставил како вакцина против Ковид-19, денеска е осуден на 31 година затвор.

Д-р Томас Кван се маскирал во медицинска сестра која доаѓа во домашна посета за да му вбризга отров на Патрик О’Хара бидејќи верувал дека постариот човек му застанува на патот еден ден да го наследи домот на неговата мајка.

Кван минатиот месец се изјасни за виновен за обид за убиство пред судот во Њукасл.

О’Хара преживеа откако помина неколку недели на интензивна нега и му беше ампутиран дел од раката за да се спречи ширењето на некротизирачки фасцитис.

Оттогаш, мајката на Кван, Џени Леунг и О’Хара се разделија.

Полицијата користела снимки од надзорните камери за да го пронајде Кван. Откриле дека тој смислил заговор со испраќање лажни писма со логоа на NHS, хиперлинкови, па дури и QR код за да му понуди на О’Хара домашна посета за вакцината.

Кван се преправил во заштитна опрема од глава до пети, со затемнети очила и хируршка маска и дошол со возило на терминот во јануари користејќи лажни регистарски таблички.

Кван, кој е опишан дека има морбидна опсесија со отрови, користел јодометан, супстанца пронајдена во пестицидите за која сметал дека лекарите тешко ќе ја откријат, рече судијата.

При претресот на неговата куќа, полицијата пронашла арсен, течна жива и рицинусово масло, од кои може да се направи хемиското оружје рицин. На својот компјутер имал инструкции како да се направи рицин.

Кван беше вознемирен од можноста да добие помал дел од своето наследство. Тој имал затегнати односи со неговата мајка и дознал дека таа има одредба во тестаментот што ќе му дозволи на О’Хара да остане во нејзиниот дом доколку таа умре пред него.