Маестро Атанасов ја прифати поканата да зборува ексклузивно за весникот „ВЕЧЕР“, по повод наградата „7 Ноември“, која Општина Гевгелија му ја додели за неговата долгогодишна успешна  работа како професор и диригент и за развој на хорското пеење. Тој за нашиот весник зборува и за неговата љубов кон музиката, посветеноста кон работата, за проблемите со кои денес се соочуваат хоровите во Македонија, но и успесите…   

 Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Илија Атанасов е еден од најнаградуваните диригенти во државата. Токму неговата огромна љубов кон музиката и хорското пеење и безусловната посветеност кон работата во многу наврати резултирале и со највисоки награди на натпреварите не само во државата и на Балканот, туку и во Европа и пошироко. Неговиот придонес кон музичката афирмација на државата во светот ја вреднуваше и Советот на општина Гевгелија која по повод 7 Ноември,  80 години од ослободувањето на Гевгелија, ги додели традиционалните седмоноемвриски награди на поединци за постигнатите резултати во повеќе области. 3a постигнувања од областа на културата и музичката дејност, за долгогодишна успешна работа и развој на хорското пеење, за што има добиено многу државни и меѓународни награди и признанија, сребрена плакета му беше доделена и на професорот и диригент Илија Атанасов.

Маестро Атанасов, најнапред честитки за седмоноемвриската награда, и нормално да Ве прашам најнапред  како Вие го доживувате ова големо признание?

Ви благодарам. Успехот на работата на диригентот и професор е секогаш резултат на тоа како неговата стручна подготвеност и личните навики и карактеристики влијаат мотивирачки и едукативно врз секој од членовите на ансамблите со кои работи, но исто така и од степенот на професионалната и лична соработка во колективот во кој работи. Затоа ова признание го прифаќам како успех и на сите мои хористи и колеги со кои сум соработувал и сè уште соработуваме. Во исто време, и како доказ за тоа дека и во ова време кога успехот постојано се камуфлира и заобиколува, моите сограѓани знаат да ја проценат и наградат стручноста, квалитетот и посветеноста на професионалците во своите области. Овде, се разбира, мислам на сите добитници на наградата.

 Да се вратиме на почетоците, како започна Вашата љубов кон музиката?

Љубовта, уметноста и слободата имаат еден заеднички антагонизам: колку повеќе ги споделувате со другите, толку повеќе ги имате во себе. Како дете многу ја сакав математиката, подоцна философијата, но секогаш музиката/уметноста беше таа што ги имаше сите одговори. Убавината на музичката експресија секогаш ми изгледаше највозвишена.

 

Што Ве мотивираше, или Ви беше инспирација да се запишете во класата хорско диригирање и музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а потоа да специјализирате хорско и оперско-симфониско диригирање на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков” во Санкт Петербург, Русија?

Предизвикот да се откријат тајните на големите музички ремек-дела, начинот на кој биле создавани и начинот на нивна интерпретација, само по себе води кон потребата од подлабоко стручно усовршување, како и запознавање и совладување на методите и принципите на работа со музичките ансамбли. Ќе употребам една реченица од мојот прв професор Шуплевски, кој постојано потенцираше дека „диригирањето е занает кој треба да знаете да го украдете, гледајќи ја работата на големите диригенти“.

Имаше ли улога во изборот на факултетот Вашиот татко Атанас Атанасов, кој исто така е диригент и основач на хорот „Сава Михајлов“, а едно време и двајцата диригиравте со него?

Секако дека има, но, некогаш решителноста и желбата да остварите одредена цел се зголемува кога некој тоа ви го брани.

 Подоцна од тој хор произлезе градскиот мешан хор „Гортинија“, кој опстојува еве веќе над 25 години и кој преку своите изведби во земјава и странство, на најдобар можен начин го претставува музичкото наследство и богатство на македонската култура и е вистински културен амбасадор на Гевгелија и Македонија. Туркајќи го хорот кон сè повисоки стандарди и покрај многубројните тешкотии, си наликувате ли понекогаш на Сизиф?

Да, и јас самиот многу често ја користам оваа споредба. Ако го имаме предвид ограничениот избор на хористи во помалите градови како Гевгелија, како и фактот дека членовите кои сте ги подготвиле како добри хористи веќе го напуштаат градот од разни причини (студии, работа), диригентот постојано почнува одново да го гради Хорот и неговиот квалитет, и така секоја година. А на ова, и Сизиф може да ни позавиди.

Низ годините настапувавте со хорот Гортинија на многу места и на многу натпревари и добивавте голем број признанија. Имате ли некои посебни спомени, или посебно драги награди и признанија?

Навистина е тешко да се издвои. Тоа се успеси зад кои стои долгогодишна посветена и континуирана заедничка работа на диригентот и на хористите. Сепак, најмила ми е наградата кога ќе го видам сјајот во очите на нашите хористи, кога соочени со конкуренција од хорови од големи држави и градови (Лондон, Рим, Москва…) кои имаат неспоредливо подобри услови за работа, успеваат не само да се носат со нив, туку и да ги надминат со својот квалитет.

Кога зборуваме за уметност, секогаш велиме дека талентот е многу важен, но одлучувачки фактор за успех сепак е работата. Кои професионални и лични квалитети треба да ги поседува добриот диригент?

Ова е многу комплексна тема. Накратко, квалитетот на музичкиот ансамбл, особено на вокалните состави кои се најделикатни, е резултат на континуирана работа – континуитетот во работата е она што од просечноста прави совршенство. Диригентот со својата работа го создава хорот како инструмент и го одржува неговиот развој. Претпоставувате дека ова бара комуникативност, упорност, трпеливост, посветеност и голема самодисциплина на диригентот. Секако, континуитетот важи и за стручното усовршување на диригентот. Треба постојано истражување и преиспитување на нови методи и принципи на работа, запознавање со нови музички материјали, начини на интерпретација. А во денешно време диригентот треба да е и организатор, менаџер, како и промотор на хорот.

Во Вашите раце и движења, музиката се материјализира, станува видлива, добива физичка форма. Како го гледате овој процес на посредување помеѓу изведувачот и публиката? Како ја гледате улогата на диригентот, и колку е тешко да се пренесе емоцијата и пораката на едно музичко дело?

Вие веќе убаво го кажавте тоа – музиката се материјализира. Пред да ја постави композицијата, диригентот мора темелно да го проучи музичкиот материјал употребен во неа, да е запознаен со карактерот на композиторот и неговиот стил, како и условите во кои била создавана композицијата. Врз основа на тоа, скицира првична интерпретација, која во зависност од составот на хорот може да претрпи извесни промени. Следува процес на поставување методи и принципи на работа со кои ќе се постигне интерпретацијата, како и начин на нејзина изведба пред публиката. На сцена, со својата гестикулација диригентот ги инспирира, мотивира и им помага на хористите да ја постигнат интерпретацијата и на тој начин да ја споделат со публиката. Диригентот не ја „раскажува“ композицијата туку, симболично кажано, повторно ја „создава“

Хорот „Гортинија“ има триесетина членови, ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“, завршени студенти, комплетни аматери, академски граѓани… Како со вака различни профили достигнувате високо ниво на интерпретација?

Со многу посветена и упорна работа. Хорот „Гортинија“ работи преку цела година со по три проби неделно. Основата на Хорот секогаш ја сочинувале членовите на хорот при СОУ „Јосиф Јосифовски“. За да ги вклопи во составот на Хорот, диригентот освен на редовни, со нив работи и на посебни проби. За време на викендите, пак, работиме со студентите и членовите кои работат надвор од Гевгелија или заради работа не можат да доаѓаат на редовните проби. На тој начин, се обидуваме да ја одржиме континуираноста на работата на сите членови на Хорот. Посебен момент претставува кога членови со различна возраст, различни музички вкусови, естетски ставови треба да се соединат во заедничка интерпретација.

Диригент и музички педагог. Како успевате да балансирате помеѓу овие  улоги?

Иако по функција се различни, во моето досегашно искуство се покажало дека овие две улоги се всушност комплементарни. Улогата на диригентот е посложена, тој е во исто време и педагог и интерпретатор и музиколог, а како педагог, диригентското искуство помага при мотивација и инспирација на учениците и студентите кон разбирање на интерпретацијата на музичките дела како и приказната околу нивното создавање.

 Кој е Вашиот омилен репертоар? Кои композитори најмногу ви се допаѓаат?

Па, гледано од професионален аспект, тешко можам да се определам за „омилени“ стилови и композитори, но морам да признам дека современата музика и современите композитори сепак ми привлекуваат повеќе внимание.

 Каков е статусот на хоровите денес, каква е позицијата на хорската музика во Македонија?

Прашањево е удар во сжржта на проблемот. Хорската уметност во Македонија речиси во целост зависи од состојбата на училишните хорови. Хорот е најстара форма на заедничко музицирање која постои веќе над 1.000 години. За квалитетот на работа со хоровите одамна се воспоставени ефикасни методи и принципи на работа многу пред воопшто да се појави самиот образовен систем. Затоа успешноста на образовните концепти се состои во тоа колку успешно ги вметнале веќе постоечките методи на работа со хорските ансамбли, во својот план. Денес, образовниот систем се однесува „незаинтересирано“ за начинот на успешна работа со музички ансамбли, наметнувајќи свои принципи и методи кои не само што не одговараат на природата на работата со музичките ансамбли, туку и им штети. Резултат – алармантно намален број на училишни хорови, во средните училишта бројката е 4-5 хорови во нашата држава. Нешто слично е и со аматерските хорови (градски и при домови на култура) каде хоровите се принудени да функционираат како Здруженија на граѓани, со што во многу елементи се оневозможува нивната основна работа. Здружението на музичките педагози на Македонија веќе покрена иницијатива, која чека поддршка од факултетите, НОБ, Филхармонија и СОКОМ, до МОН и Министерството за култура и туризам, за преиспитување на состојбата и работа на училишните и аматерски хорови. Во професионална сфера, очигледна е потребата од професионален хор, најдобро филхармониски.

Морам да Ве прашам што се случи со македонско – грчкиот хорски проект на кој требаше да работат „Гортинија“ и солунскиот хор „Кораис“, мјузиклот „Зорбас“?

Иницијативата сѐ уште постои. Заради различните активности кај двата хора, моментално е ставен во состојба на мирување. Искрено се надевам дека ќе го реализираме.

Кои би биле Вашите диригентски предизвици во наредниот период?

Хорот и диригентот секогаш биле заинтересирани за нови проекти, празиведби на композиции од домашни и странски композитори, изведба на вокално-инструментални дела. Но, морам да бидам искрен и да признаам дека, моментално, најважна задача ни е да го оддржиме Хорот. Изминативе неколку години, почнувајќи со оние посткорона години, хорот трпи сериозни финансиски и организациони проблеми. Последнава година размислувавме и за престанок со работа. Ќе направиме уште еден обид годинава да ги подобриме условите. Искрено се надевам дека ќе наидеме на разбирање.

Ви посакувам добро здравје, и уште  успеси и признанија во иднина, на личен и професионален план.

Ви благодарам и Вам за одвоениот простор и посветеното време, како и за долгогодишната соработка и поддршка на работата на хорот „Гортинија“.