Уставен ќе пресече, ќе можат ли граѓаните да тужат за менување на пасошите?

На дневен ред иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ

76

Уставниот суд на седница ќе ја разгледува иницијативата поднесена од партијата ВМРО-ДПМНЕ со која го оспоруваат членот 3 од Законот за патни исправи, кој беше една од причините за хаосот што настана со промената на личните документи на почетокот од годината, а поради менување на уставното име и почитување на Договорот со Грција.

Членот што го оспорува партијата, а ќе се најде на дискусија пред уставните судии, гласи: „Патните исправи кои го содржат натписот ‘Република Македонија’, издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година“.

Според наводите во иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ, државата сама го навела рокот на истекување на важноста на пасошите кога ги издала , а потоа, со закон,  го променила истиот тој рок на директна штета на граѓаните. Со истекувањето на рокот на важност порано од оној на пасошите, државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност, стои во иницијативата за оспорување на актот.

–  Со промената на датумот на важност, сите лица што извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон), се ставени во нееднаква – дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи – наведува подносителот во иницијативата и додава дека поради тоа, МВР не било во можност да ги опслужи сите граѓани што аплицирале за пасош.

Граѓаните чекаа со денови да се сликаат и да си ги подигнат личните документи. Тогаш дел од правните експерти порачуваа да се избрише или да се измени одредбата од Законот за патни исправи во која е утврдена последицата од неусогласувањето на документите со новото име на државата. Правниците ги повикаа граѓаните што ќе се обидат да поминат граница, а ќе бидат вратени поради старото име на државата, да побараат документ од граничната полиција со кој ќе можат да поднесат тужба и да бараат материјална штета.Уставните експерти коментираат за весникот ВЕЧЕР дека доколку Судот го поништи оспорениот член, тогаш граѓаните ќе можат да тужат пред надлежните судови.

Кривичната пријава против Заев и Спасовски сè уште е во Обвинителството

Повеќе од една година  кривичната пријава против поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за внатрешни Оливер Спасовски е на работа во Основното јавно обвинителство, ја поднесе скопјанката Олгица Трајковска за кривичното дело злоупотреба ба службената положба и овластување. Од Обвинителството велат за весникот ВЕЧЕР дека во тој предмет биле споени три кривични пријави што се однесувале на процесот на издавање лични документи.

– Надлежниот јавен обвинител, во рамките на постапката, прибави податоци и информации од повеќе надлежни државни органи и институции, како и целокупниот извештај од извршената внатрешна контрола и ревизија на постапката што ја вршеше МВР. Станува збор за обемна документација, која се анализира, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – изјавија од ОЈО за ВЕЧЕР.

Граѓанката во пријавата тврди дека тие не ги извршиле своите должности за усогласување на документите од страна на јавната администрација, меѓу нив и пасошите, личните карти и возачките и поради тоа, граѓаните претрпеле материјална штета.

Во меѓувреме, метежот за издавање лични документи стивна, откако дел од граѓаните чекаа со денови пред полициската станица Пролет, а дел трикратно платија за пасош по брза постапка, стивна. Иако беше најавено дека ургентно ќе се реновира Одделот за граѓански работи во МТВ, сепак, сè уште не е пуштен во употреба. Министерот Тошковски неодамна, при посета на просторијата, најави дека ќе се случи тоа за шест месеци. Денеска закажувањето за лични документи на активниот телефонски број е без чекање да се јави оператор, а се закажува од денес за утре.(П.А)