Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ФПИОМ) работи на краткорочни и долгорочни предлог-мерки за зголемување на приходите и на намалување на дефицитот што ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади. За ова директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов, ги информирал претставниците на Мисијата на Светска банка за имплементација на СИАП проектот и пензиската политика.
Тој рекол дека за подобрување на квалитетот на услугите, но и да се зголеми безбедноста на податоците, се работи на решенија за модернизација на информатичкиот сектор на Фондот, за што во наредниот период ќе имаат подетални средби со претставниците на Проектот во Македонија.
Директорот Мемов информира дека анализата на решенијата од функционалната анализа и останатите документи се при крај и ќе бидат финализирани до крајот на месецот, по што ќе бидат доставени до Проектот. Во однос на статусот на актуарската единица, тој рече дека таа ќе биде внесена како одделение во Фондот, за што е потребно да се направи промена на систематизацијата, а лицата кои се определени за извршување на оваа дејност ќе продолжат со обуките.
Дигитализацијата на архивата на Фондот е од особена важност за обезбедување на квалитетна база на податоци за осигурениците, како и за нивно прочистување.
Деновиве Мемов рече дека во последните 15 години ПИОМ е целосно узурпиран, деградиран и се наоѓа во катастрофална состојба од неколку аспекти, а има и кадровски дисбаланс. Тој обелодени дека ПИОМ се соочува со над 400 тужби од вработени поради нивни претходни прераспределувања на несоодветни работни позиции во институцијата. Поднесени се и кривични пријави против претходни директори. Мемов Посочи дека во ПИОМ се спроведувал и проект за фотонапонска централа вредна 200 илјади евра без претходно да се обезбеди лиценца за продажба на струјата, за што кога стапил на функцијата, веднаш дал наредба да се стопира.
Тој истакна дека исплатата на пензиите оди беспрекорно и најави модернизација и трансформација на ПИОМ во насока на поголема транспарентност. Рече дека ќе се забрза процесот на до 30 дена за добивање пензија на лицата кои ќе поднесат барање. Во таа насока истакна дека само во октомври биле решени 2.566 предмети, а за решавање остануваат 2.500.
Буџетот на институцијата е 135 милиони денари или 2,2 милијарда евра од кои 1,7 милијарди денари се за исплата на пензиите, 180 милиони евра се планирани трансфери по основ на здравствено осигурување на пензионерите и околу 250 милиони евра трансфери во Вториот пензиски фонд. Мемов најави достапност на сите услуги преку веб-сервис, во цел да се смени тоа што секој лично мора да дојде во Фондот за да извади листинг за стаж.