Еден од најдобрите кошаркари во НБА-лигата и член на Филаделфија, Џоел Ембид, сè уште нема одиграно ни минута оваа сезона, поради повредата што ја има, но и кога ќе заздрави, ќе мора да ги пропушти првите три натпревари, поради суспензијата што му ја изрече најсилната кошаркарска лига.
Тоа е резултат на инцидентот по саботниот натпревар со Мемфис, кога кошаркарот бурно реагираше и го оттурна новинарот Маркус Хејс, бесен поради фактот што во текст го спомена неговото семејство, вклучително и неговиот починат брат.
Веднаш штом го видел репортерот од Филаделфија – Инквајер, Ембид вербално се судрил со него, а набрзо следувал и физички контакт. Иако според првите извештаи го удрил, се покажало дека тоа било „само“ туркање.
- Можете да пишувате за мене дека сум ужасен и сè што сакате, но не го споменувајте мојот мртов брат, не зборувајте за моето семејство, не ставајте го во контекст. Ако сакате да разговарате со мене за кошарката како човечко суштество, тоа е друга работа, но ако повторно го споменете моето семејство, ќе имаме проблем – му објасни Ембид на новинарот.
Во својата колумна, Хејс го критикуваше Ембид, односно недоволната подготвеност поради проблемите со левото колено, поради што ги пропушти првите шест натпревари од сезоната, од кои Сиксерси загуби на дури пет.
- Џоел Ембид постојано го посочува раѓањето на својот син Артур како голема пресвртница во неговата кариера. Тој често зборува за тоа како сака да биде голем и да остави наследство за момчето, кое го нарече по својот помлад брат, кој трагично загина во сообраќајна несреќа, во текот на првата сезона на Ембид во тимот на Филаделфија.
Имено, суспензијата од три натпревари започнува во моментот кога ќе покаже медицинската документација дека тој е подготвен да игра.