Македонија безбедна – радикалните структури под лупа на службите  

Поради случувањата на Блискиот Исток, може да се зголеми бројот на мигранти на балканската рута и тоа би влијаело на нашата безбедносна ситуација, предупреди македонскиот министер за одбрана, Владо Мисајловски. Тој смета дека на целата состојба влијаат и изборите во САД и порача дека мора да ги следиме сите ќелии, структури, повратници од некои жаришта и мора да бидеме будни. Мисајловски тврди дека ситуацијата е стабилна и на највисоко ниво, но земјава мора да биде подготвена. И шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, предупреди дека Југоисточна Европа останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти. Стабилна безбедносна состојба во земјава, без индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата, во понеделникот на првата конститутивна седница на Советот, констатираа и членовите на Советот за безбедност

28

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но, постои ризик од активирање на балканската бегалска рута по последните воени случувања, на Блискиот Исток, посочи министерот за одбрана Владо Мисајловски на конференцијата по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата. Мисајловски рече дека е важно да се следат и превенираат сите радикални случувања околу нас.

-Мораме да ги следиме сите ќелии, структури, повратници од некои жаришта и мора да бидеме будни. Ситуацијата е стабилна и на највисоко ниво, но мора да бидете на подготвеност. Од друга страна, од она што се случува на Блискиот Исток, може да се зголеми бројот на мигранти на балканската рута и тоа би влијаело на нашата безбедносна ситуација. Тоа прашање, исто така, е клучно за наредниот период. На целата состојба влијаат и изборите во САД. Моето лично мислење е дека ние повторно треба да бидеме будни и заеднички да соработуваме со нашите пријателски земји, особено во делот на разузнавање и споделување на информации, изјави министерот според кој имаме одлични релации со нашите соседи, особено во делот на Министерството за одбрана и Армијата.

И шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на друга конференција, вчера предупреди дека Југоисточна Европа останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти.

-Југоисточна Европа, за жал, останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти и сите сме свесни за озогласената балканска рута. Согласно глобалниот Индекс за организиран криминал од 2023 година, трговијата со оружје во овој регион е на повисоко ниво отколку во Европа. Во овој регион се криумчарат нелегални оружја и мигранти кон Европа и затоа, во овој контекст, потребно е итно спречување на малото и лесно оружје, посочи вчера шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на конференцијата организирана од ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, посветена на соработката меѓу полицијата и царината за трговија со оружје и криумчарење мигранти во Југоисточна Европа.

Амбасадорот Вал истакна дека ова е еден од најголемите проекти на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вреден повеќе од осум милиони евра, а целта е подобрување на механизмите за размена на информации во реално време и подигнување на јавната свест за ризиците од ваквите активности.

– Покрај сите овие активности, пролиферацијата на ова мало и лесно оружје сè уште е на високо ниво и бара регионална акција, затоа сè повеќе работиме на негово намалување. Овој предизвик бара соработка во една иницијатива којашто се спроведува низ целиот регион, а ги обединува полициските и царинските администрации, како и функционерите за спроведување на законите, со цел да можеме да ги спроведеме нашите цели. Нашите цели се подобрување на нашата рамка за соработка за одговор на недозволената трговија со мало и лесно оружје, јакнење на безбедносната инфраструктура, како и да ги испитаме сите начини на коишто можеме да ја продлабочиме нашата соработка за да можеме да ги разменуваме информациите во реално време, рече Вал.

Совет за безбедност: Состојбата е стабилна

И членовите на Советот за безбедност, кои во понеделникот ја одржаа првата конститутивна седница на Советот, констатираа дека состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата. На  седницата со која претседаваше македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.

На покана на претседателката Сиљановска Давкова, во работата на Советот за безбедност учествуваа и реферираа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Присутните констатираа дека надлежните институции редовно ги следат состојбите во земјата и опкружувањето и дека системот за национална безбедност е функционален и обезбедува рано предупредување за евентуални закани и ризици. Учеството на Армијата во НАТО-мисиите, ЕУ-мисиите и во мисии во ОН е успешно и продолжува, а бројот на учесниците во мисиите се одредува во зависност од потребите и одлуките на надлежните институции, заклучиле членовите на Советот, кој ќе се состанува на секои три месеци, а по потреба и почесто.

Брана на патот на мигрантите

Како што неодамна пишуваше весникот ВЕЧЕР, балканската рута и сега се користи за илегални мигрантски процеси, а ќе стане пофреквентна заради борбените дејствија на Блискиот Исток. Безбедносните аналитичари во земјава што ги консултираше весникот ВЕЧЕР предупредуваат и на опасноста од интегрирање на борци на Хамас и Хезболах, маскирани во мигранти. Познавачите повикуваат на зголемено внимание на безбедносните служби, кои заедно со ФРОНТЕКС ќе треба проактивно во овој период да ја следат и контролираат границата. Во овој контекст, и унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на посетата на Македонија предупреди на опасноста за наплив на мигранти од Блискиот Исток:

-Може да очекуваме преку Средоземното Море во Европа да дојдат повеќе стотици милиони луѓе и тоа мора да го спречиме, дециден беше Орбан, кој јасно кажа дека земјава ја гледа како брана за мигрантите, која треба да спречи тие да стигнат подалеку на север, особено во неговата земја.

И нашиот јужен сосед, Грција, е на готовс поради опасноста меѓу бегалците и мигрантите да има борци од Хамас или на Хезболах. Високи извори од Министерството за миграција и азил на Грција неодамна брифираа дека состојбата се следи и од безбедносни причини. Тие предупредуваат дека ако во јужен Либан се влоши ситуацијата и ако се создадат мигрантски бранови од таму, можеби нема да бидат само семејства кои сакаат да си заминат од воената зона, туку може да се обидат и борци од Хезболах и Хамас да стигнат до Европа. (В.С.Н.)