Скај апликацијата, омилена меѓу криминалците

Тошковски најави можно проширување на листата доушници

651

Судија на претходна постапка им одреди мерка 30-дневен притвор на тројца уапсени,  кои користеле полициски информации и шпионирале за озогласените криминалци од кланот Дуќанџик, од скопското село Грчец. Обвинителството за организиран криминал и корупција ја води истрага за злосторничко здружување, не ја исклучува можноста за проширување на истата и кон други.

Засега осомничени се двајца пензионирани полицајци-доушници, кои преку првоосомничениот „пробивале“ тајни полициски акции во откривање на криминалите на групата.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека обвинителството има многу докази во истрагата. Најголем дел биле од апликацијата „Скај“, информации кои македонската полиција ги добила од меѓународните партнери. Најави дека веројатно ќе бидат опфатени и други лица без да каже дали се од службата.

„Во рамки на доказниот материјал што се анализира од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција постојат огромен број докази. Сите докази што се анализираат се прибавени од онаа апликација ’Скај’, што ни е дадена од нашите меѓународни партнери така што мислам дека во иднина ќе има многу интересни случаи за јавноста, а поврзани со организиран криминал и висока корупција. Овој случај е поврзан со двајца полициски службеници во периодот кога ги сториле кривичните дела за кои се товарат, а кои денеска не се веќе полициски службеници, но во рамки на  информациите што ги имам станува збор за огромен број докази поврзани со конкретни кривични дела“, вели Тошковски.

Според истрагата, три години двајцата главни инспектори за дрога биле дебело наградувани од „Дуќанџик“, за тајните полициски акции, ама и за прикривање на доказите. Обвинителството во своето соопштение ги наведе криминалните активности на групата во кои „кртовите“ оддавале полициски информации за истрагите, изјавите од сведоците и доказите кои ги обезбедила полицијата.

„Осомничените, од користољубие, се поврзале со групата и како припадници со посебна улога, поттикнати од лидерот на групата, Шеваљ Муареми, пренесувале службени информации на третото лице, а за тоа добивале награда. Полицајците кои биле главни инспектори за имотни деликти предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите“,  обвинителството ги сподели деталите од истрагата која најголем дел од доказите ги обезбедила од апликацијата за комуникација „Скај“.

Што е апликацијата Sky и зошто е важна меѓу криминалците?

Голем број криминалци, наркодилери и инволвирани во други форми на висок криминал се откриени со помош на апликацијата „Скај“. Според експертите за сајбер-криминал, станува збор за платформа за комуникација на мобилни телефони која не може да се инсталира на сите телефон, туку само на одредени модели. Оваа апликација најчесто ја користат криминалците низ светот и со нејзина помош лесно можат да разменуваат пораки за нивните активности, без ризик да завршат во затвор.

Во серија акции против криминални групи беше демонтирана дел од инфраструктурата на „Скај“ во Западна Европа, а потоа американското ФБИ ја зазеде веб-страницата на апликацијата. Oваа апликација бара автентикација, што значи дека никој не може да пристапи до вашите пораки. Sky не складира пораки во меморијата на уредот, ниту пак апликацијата бара пристап до меморијата за складирање. Пристапот до оваа апликација се плаќа врз основа на тоа колку долго се користи. Лиценците се движат од 600 до 2.200 евра и може да траат три месеци, шест месеци или една година. Работи со купување на нивниот специјален уред и SIM-картичка што може да ги исполни безбедносните барања.

„Откако ќе ги примите уредот и картичката, апликацијата се инсталира со помош на упатствата што доаѓаат со лиценцата. Инсталирањето трае кратко и после тоа е подготвено за употреба. Кога ќе истече лиценцата, таа лесно може да се обнови за дополнителен надомест“, стои во објаснување за користење на апликацијата.

Програмерите на апликации излегоа и со лажни лозинки кои се внесуваат ако некој ве принуди да ја отклучите апликацијата. Кога ќе се внесе лажна лозинка, апликацијата и сите нејзини податоци се бришат и таблата Sky Ecc известува дека уредот е компромитиран. Сите пораки, видеа и фотографии испратени преку апликацијата се многу шифрирани. Ова е посебен метод на шифрирање, благодарение на кој никој не може да ја пресретне комуникацијата, а и размената на пораки е со голема брзина.

Комбинацијата на сите овие фактори ја направи „Скај“ комуникацијата да биде совршена за организираните криминални групи.

Во соопштение од МВР беше наведено дека полицијата извршила претрес во домовите на осомничените, при што пронајдени и одземени биле повеќе мобилни телефони, лаптоп и разновидна документација.

На почетокот на годината пак Бирото за јавна безбедност во координација со јавен обвинител од организиран криминал ја објавија истрагата за македонски државјани кои од октомври 2023 година до јануари 2024, како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја апликација „Скај“ договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и Македонија. Кривична пријава тогаш беше поднесена против 16 лица. (П.А.)