„Заеднички со креативните индустрии кои реално ги спојуваат овие два ресора, ќе покажеме дека културата може навистина да биде значајна за буџетот на државата“, изјави меѓу другото министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на јавната дебата во рамките на вчерашната Конференцијата за развој на креативен туризам, што ја организира Skopje Design week 2024, во соработка со Министерството за култура и туризам
„Со години зборуваме за развојот на креативните индустрии, за креативниот туризам, за спојувањето на културата и туризмот, дека културата е потрошувач и не придонесува во економскиот развој на државата и дека мора да се најде модел како тоа да изгледа поинаку. Токму затоа спојувањето на културата и туризмот не е наметнат брак, туку доаѓа природно бидејќи размислуваме прогресивно, економски. Заеднички со креативните индустрии кои реално ги спојуваат овие два ресора, ќе покажеме дека културата може навистина да биде значајна за буџетот на државата“, изјави меѓу другото министерот за култура и туризам Зоран Љутков на вчерашната прва јавна дискусија која има за цел да ги расветли сегментите кои се однесуваат на обединување на културата и туризмот. Настанот се одржа во Јавна соба во Скопје, во рамките на Конференцијата за развој на креативен туризам, што ја организира Skopje Design week 2024, во соработка со Министерството за култура.
Тој додаде и дека со развојот на креативните индустрии, во една поинаква стратешка рамка во интегрирано министерство за култура и туризам, ќе се овозможи оние кои се занимаваат со култура, иднината и профитот да ги гледаат надвор од националните институции.
„Еден од важните аспекти е повеќе да се инвестира во приватниот сектор, во невладините организации, да се отвораат приватни театри, работилници…
Мислам дека е тука иднината на секоја земја која претендира да влезе во европското семејство“, истакна Љутков во рамките на Конференцијата на која акцентот беше ставен токму на прашањето колку е природно спојувањето на двата ресори, како култура и туризам и на кој начин ќе се оформи стратегија која ќе ги вклучи сите чинители. Модератор на конференцијата беше Александар Велиновски, а во првиот дел на тема „Културните оператори двигатели на локален економски раст и развој – привлекување странски посетители“ панелистите кои се со многугодишно искуство во менаџирање на културни настани, беа согласни дека ни е потребно спојување на секторите, но со сериозна и внимателна стратегија.
Кочишки од Таксират и Д фест Дојран, рече дека поддршката од државата досега е минимална, додека бенефитот кој го носат фестивалите во економијата е далеку поголем.
„Ние сме постојано лимитирани од поддршката од конкурсите на Министерството за култура, додека инвестираме многу во економскиот бенефит преку фестивалите. Конкретно во Дојран, самите создаваме и инфраструктура, немаше ни табла на автопатот, се трудевме да дадеме насоки каде е Дојран. Денеска мислам дека Д фест е најголемиот економски покренувач во градот, и тоа е тој импакт што го направивме“, рече Кочишки.
Младеновски-Грга од МКЦ, пак, истакна дека фестивалите што ги организираат се атрактивни за регионот.
„Носиме големи имиња на фестивалите, и имаме најниски цени на билетите во регионот. Станавме конкурентни и интересни и за грчки посетители, што остануваат секако како туристи во Скопје. Се надевам, дека во иднина ќе направиме подобра платформа за да ги споиме искуствата“, рече Младеновски.
Тоше Ивановски, арт-директор на „Локум фест“, кој постои 19 години ја поздрави иницијативата за спојување на ресорите, за која рече дека чека 30 години.
„Локум фест“ има голем потенцијал во насока на фестивал кој може да го раздвижи туризмот во Битола, но за ова е потребно внимателно интегрирање на искуствата на сите чинители“, рече Ивановски.
Според Тоше Чочороски, претставник на туристичкото стопанство, спојувањето на секторите е голем предизвик, но се надева дека тоа нема да остане само на ентузијазам.
„Туристите треба да ги препознаат културните манифестации, да се стремиме туристите да останат тука заради културните настани. Потребна ни е промоција, креативните индустрии се многу важни, но кога ќе станат дел од програмата на тур-операторите“, рече Чочороски.
Според Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, треба да се следат и искуствата на соседните земји во начинот на кој го менаџираат културниот туризам, и дека е потребно да се најдат модели за субвенционирање и надвор од буџетските пари.
Она во што се согласни сите панелисти на оваа конференција од која се очекува да произлезат идејни проекти за понатамошна соработка на поле на култура и туризам, е дека ни е потребно да ги привлечеме и задржиме туристите со културните манифестации и дека тоа е можно со добра стратегија. (Д.Т.)