Додека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се препукуваат, цехот за очајната состојба го плаќаат граѓаните

37

Од партијата Левица констатираат дека голготата со јавниот превоз во Скопје како да нема крај и покрај тоа што, како што велат, се смениле бројни директори само во еден мандат на скопската градоначалничка. Според нив, вината за континуирано лошата состојба во ЈСП може да се лоцира во неговото раководство, кое, како што наведуваат, склучувало договори штетни за претпријатието и не поведувало постапки за заштита на неговите интереси, потоа во градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која на неколку месеци ги менувала директорите на ова претпријатие и не повела постапки за утврдување одговорност за работата на директорите и, секако, МОН, кое, како што истакнуваат, упорно се амнестира од одговорност за својот удел во колапсот на ЈСП

 

Голготата со јавниот градски превоз продолжува, нема решение на повидок, туку само препукувања за тоа кој е виновен за состојбата. Згора на сè, најголемиот цех за сето тоа го плаќаат граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со нервози, поради доцнењето на автобусите, нивното недоаѓање, како и метежот во нив.

За ова, пристигнуваат реакции од партиите, но не и конкретни предлози за надминување на состојбата. Од партијата Левица констатираат дека голготата со јавниот превоз во Скопје како да нема крај и покрај тоа што, како што велат, се смениле бројни директори само во еден мандат на скопската градоначалничка.

– Додека ДПМНЕ и нивната градоначалничка, Арсовска, се заглавени во деструктивни конфликти и нерационални кавги, цехот за ваквата очајна состојба на ЈСП го плаќаат сите граѓани на Скопје – децидни се од Левица.

Оттаму посочуваат дека како да не е доволно тоа што значително е редуциран бројот на автобуси, па се чека автобус и по 40 минути, ревизорскиот извештај за минатата година покажа и многу други недостатоци во работењето на Јавното сообраќајно претпријатие  „Скопје“ (ЈСП).

– Имено, согласно со овој ревизорски извештај, ЈСП, и покрај сите субвенции што ги доделува Советот на Град Скопје, сепак, има големи финансиски тешкотии. Ревизорите констатирале дека ЈСП има склучено неколку договори чии одредби одат директно на штета на претпријатието. Еден од нив е договорот за набавка на гориво, каде што е предвидена 50 % поголема казнена камата од законски предвидената – нагласуваат од Левица.

Притоа додаваат дека ревизорите констатирале оти претпријатието не ја активирало банкарската гаранција и не ја искористило можноста за казнена наплата кога фирмата „Аитоникс” (која е задолжена за новата Е-Cloud комуникациска платформа, т.е. системот за наплата) не исполнила дел од договорните одредби, со што директно финансиски го оштетиле претпријатието.

– Дел од вината за ваквата состојба на ЈСП ревизорите лоцираат и кај Министерството за образование, кое две години по ред не му исплаќа средства на Градот за бесплатниот превоз на средношколците и на студентите, трошок што сега целосно се покрива од градската каса – наведуваат од Левица.

Оттаму сметаат дека од сето она погоренаведено може да се заклучи оти вината за континуирано лошата состојба во ЈСП може да се лоцира во неговото раководството, кое, како што наведуваат, склучувало договори штетни за претпријатието и не поведувало постапки за заштита на неговите интереси, потоа во градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која на неколку месеци ги менувала директорите на ова претпријатие и не повела постапки за утврдување одговорност за работата на директорите и, секако, МОН, кое, како што истакнуваат, упорно се амнестира од одговорност за својот удел во колапсот на ЈСП.

 

Град Скопје: Славески веднаш да ја стави иницијативата за зголемување на цената за изминат километар пред советниците

По вчерашната прес-конференција на приватните превозници, од Град Скопје апелираат до Трајко Славески, како претседател на Советот на Град Скопје, веднаш да ја стави иницијативата за барањето на приватните превозници да се зголеми цената за изминат километар на разгледување пред советниците, со цел деблокирање на овој сегмент од јавниот превоз во главниот град.

Оттаму сметаат дека е евидентно оти непринципиелната политика, личните интереси и партиските приоритети сѐ уште се тактика на мнозинството во Советот на Град Скопје, предводено од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за што цената ја плаќаат граѓаните на Градот Скопје.

– Приватните превозници редуцирано сообраќаат поради револт од неразгледување на нивната иницијатива за која може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје. Тие имаат доставено барање до претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, пред неколку месеци, кое, според Деловникот за работа на Советот на Град Скопје, требаше да биде ставено на разгледување пред советниците во Советот веднаш, без одложување – потенцираат од Град Скопје.

Според градските власти, тактиката на мнозинството во Советот е да се креира незадоволство и да се предизвика хаос за граѓаните на Градот Скопје, преку спречување набавка на нови еколошки автобуси и обидот за девастирање на јавниот превоз со неисплаќање на долгот кон ЈСП од 8 милиони евра што го има Владата за превоз на студентите и студентскиот стандард.

(А.П.)