Штипската населба Сењак добива нови паркинг- површини

31

Нови паркинг-површини добива населбата Сењак во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, информира дека претходно на овој простор имало лимени гаражи и дека со нивното отстранување просторот ќе биде рационално искористен, жителите ќе добијат нови паркинг-места, уреден простор и место пред станбените згради што ќе може да го користат.

– Се работи на асфалтирање на паркинг-површина што ја оформивме откако претходно ги отстранивме лимените гаражи. Таа е рационално искористена, ќе има повеќе паркинг-површини, урбана опрема, со цел да се користи оваа локација од граѓаните – изјави Јорданов.

За реализација на овој проект, Општина Штип издвои нешто повеќе од два милиона денари. Во наредниот период ќе се работи и на други локации во Штип. Ќе се прават планови за уредување и согласно со нив, етапно ќе се отстрануваат лимените гаражи, кои се поставени на јавна површина.

–  За сите времени објекти што се на јавна површина и онаму каде што ќе се одвиваат одредени активности во даден момент, добиваат известување да бидат отстранети. Етапно работиме и секаде каде што имаме планирано некоја содржина, претходно се известуваат сопствениците да ги отстранат своите лимени гаражи – нагласи Јорданов.