Отворена сувенирница во Занаетчискиот дом

195

Куманово доби сувенирница, сместена во простор на Занаетчискиот дом. Од Занаетчиската комора на државата (ЗКРСМ) најавија отворање сувенирници на ниво на коморите, речиси во секој поголем град во земјава.

Регионалната занаетчиска комора на Куманово, трета година по ред, бараше отворање на сувенирница.

– Трета година баравме отворање на сувенирница, простор каде што ќе се прикажат автентични производи од нашите култура и традиција. Успеавме да го реализираме тоа, мислам дека секое наше барање кон локалната самоуправа влијаеше и кон националните институции. Потребно ни е да ги чуваме културата, традицијата, зашто токму старите занаети го чуваат идентитетот и горди сме што отвораме сувенирница во Куманово. Ќе бараме уште поволности од локалната власт – истакна претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, потенцира дека занаетчиите добиваат простор во објект што е сопственост на Општината, но изграден со поддршка на занаетчиите, во раните триесетти години од минатиот век. Тој најави дополнителна поддршка на занаетчиите, особено на старите занаети, кои се чувари на традицијата.

– Како локална самоуправа, планираме да отвориме  дискусија во рамките на ЗЕЛС. Би поразговарале во делот на измените на законските нормативи и би можеле да им дадеме поголемо значење на занаетчиите, генерално во државата, бидејќи сметаме дека се основната нишка на стопанството во државата – рече Димитриевски.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, рече дека иницијативата е одлична и дека треба да се примени во градовите од земјава за да може да се развие туризмот на локално ниво. Тој најави и дополнителна поддршка за малите занаетчии и, генерално, за малите и за средните претпријатија.

– Оваа година имаме издвоено 6,5 милини денари за помош на занаетите и поддршка од 130.000 евра за занаетчиските комори, на разните фондации, невладини организации, сè она што е поврзано со промоцијата и развојот на занаетите на малите и на средните претпријатија итн. Со Министерството за образование планираме да продуцираме и да едуцираме што повеќе од овие дефицитарни кадри за да опстојат занаетите што се дефицитарни во развојот на економијата на Македонија – наведе Ристески.

Кумановските стари занаетчии ќе добиваат поддршка во износ од 15.000 денари.