Јанез Јанша ќе мора да им плати 30.000 евра судски такси на судиите што ги тужеше

32

Високиот суд во Марибор денеска му наложи на поранешниот премиер на Словенија Јанез Јанша да плати 30.000 евра судски такси на обвинителот и судиите против кои поднел тужба за оштета поради незаконски дејствија во случајот за наводното ветување за поткуп во 2006 година.

Судот во Марибор денеска ја потврди одлуката на Окружниот суд во Крањ и го зголеми износот на досудените трошоци на 30.260 евра, пренесува СТА.

Јанша беше осуден на затвор пред општите избори во 2014 година за наводно прифаќање на ветувањето за поткуп на тендерот во 2006 година што го доби финската одбранбена компанија „Патрија“, а таа казна подоцна беше поништена, пренесува Танјуг.

Во 2018 година, лидерот на Словенечката демократска партија поднесе тужба за отштета против државата, поранешната обвинителка Бранка Зобец Храстар и судиите Барбара Клањшек, Милан Штрукељ, Весна Жалик и Бранко Маслеша, сметајќи ги одговорни за незаконски дејствија во случајот „Патрија“.

Судскиот процес против државата се уште трае, но процесот против поранешниот обвинител и судиите заврши во јануари 2023 година со пресудата против Јанша.

Судот во Крањ во април одлучи Јанша да ги обештети обвинетите со над 22.000 евра судски такси, а на оваа одлука жалба поднесоа Јанша, Зобец Храстар и Клањшек.

Вишиот суд во Марибор ја потврди одлуката на Окружниот суд и ги зголеми судските такси што Јанша требаше да ги им ги надомести на Зобец Храстар и Клањшек за околу 4.000 евра.