СДСМ поднесе до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, кој во моментов изнесува 5 %. За претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за спроведување на предлог-законот, не е потребно обезбедување финансиски средства. – Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците, како што се случи тоа со мерките на Владата, рече Филипче и ги повика сите пратеници да го поддржат законот

 

СДСМ поднесе до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, кој во моментов изнесува 5 %. За претседателот на СДСМ, Венко Филипче, измените ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари. Тој објасни дека за спроведување на предлог-законот, не е потребно обезбедување финансиски средства.

– Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што се случи тоа со мерките на Владата – рече Филипче и ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да го поддржат законот.

Тој посочи дека владината мерка за „поевтини основни прехранбени производи“ се покажала како целосно неефикасна и дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари, додека, истовремено, платите паѓаат.

Исто така, лидерот на СДСМ ја повика Владата веднаш да почне да го применува Законот за нефер трговски практики, со кој, како што посочи, ќе се заштити буџетот на граѓаните и ќе се намали самоволието на трговците и на набавувачите.

–  Владата да престане да тактизира со Законот за нефер трговски практики и веднаш да почне неговата примена. Овој Закон опфаќа над 2.600 земјоделски производи, кои се веќе дефинирани и готово применливо решение што го донесе Владата на СДСМ – изјави Филипче.

СДСМ повторно ќе го поднесе законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации. Филипче обвини за двојни стандарди во работењето на Собранието, затоа што прифати други закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, без фискални импликации.