„Ветрилиште“ е насловот на новиот роман од Игор Анѓелков, кој излегува од печат во издание на „Или-или“. Со новата книжевна објава, авторот прославува неколку јубилеи: десеттата издадена книга, петтиот роман, книжевното полнолетство (осумнаесет години од објавувањето на дебитантската збирка раскази „Кротки приказни“), и сето тоа на неговиот педесетти роденден.
– Овој роман се одвива за време на едно деноноќие (па ни толку!) во животот на Борис или ако повеќе сакате, на Писателот. Не е експериментален во формата, туку си тече класично, од почеток до крај, без поместувања во зацртаниот редослед, освен ако не се земат предвид постојаните размислувања и реминисценции во однос на нештата што се случуваат околу главниот протагонист, кои вешто ги испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината, што ги прави работите неизвесни. Но, она што е сосема извесно е дека оваа приказна започнува и завршува со пеењето на еден петел ранобудник: Кукуригууу… – се посочува во најавата за „Ветрилиште“.
Во поговорот, пак, писателката и критичарка Оливера Ќорвезироска ќе напише: „Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните речиси две децении… прашањето што останува да лебди над ‘Ветрилиште’, но и над сите нас, е дали и што можат да променат наградите кога доаѓаат или кога не доаѓаат. Дали ним им е понеопходна книжевноста отколку што тие ѝ се неопходни нејзе?“
Игор Анѓелков досега ги објави: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).