Есенските култури да се залеваат за да не претрпат штети од ниските зимски температури поради недоволно врнежи, велат агрометеоролозите. Тие препорачуваат и полевање на зеленчуковите насади, бидејќи, како што објаснуваат, може да дојде до засушување во раните етапи од развојот.
Останува препораката да се применуваат правилните агротехнички мерки: наводнување, обезбедување на потребните количества хранливи материи за поголема отпорност на зимските мразови, примена на сертифициран семенски материјал со добри квалитетни сортни карактеристики и добра здравствена состојба, употреба на квалитетно ѓубриво…
– Изминатите денови, времето беше стабилно и претежно тивко, со студени утра. Во одделни котлини имаше појава на утринска магла или ниска облачност. Есенската сеидба е веќе почната кај некои култури, а кај некои е веќе прикрај. Кај сите култури, па и кај пченицата, првата фаза – никнување е многу значајна за нормален склоп и за почетен развиток. При подолго отсуство на врнежи, има појава на есенска суша, која може негативно да влијае врз сеидбата на есенските култури и нивното поникнување. Во вакви услови, доколку поникнат културите, влегуваат во зимата недоволно подготвени и може да претрпат штети од ниските зимски температури. Затоа е потребно залевање со мала залевна норма, веднаш по сеидбата. Оваа залевање ќе овозможи и нормално братење и презимување – нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.
Воедно,потсетуваат дека, според прогнозите, продолжува периодот на стабилно и суво време.