Десетмина вработени во прилепскиот Царински терминал кој е во состав на прилепски ЈКП „Комуналец“, вчера еден час штрајкуваа поради тоа што не земале плата три месеци, а немаат ни здравствено осигурување.

– Немаме земено три плати. Последнава година се случува да се даде плата при крајот на месецот и два дена осигурување. А сите сме возрасни, над 50 години, сите сме со проблеми, а здравствено немаме. Се надеваме дека од претпријатието, а и градот ќе имаат разбирање да се реши проблемот. Сме имале контакти со надлежните, веќе две години се провлекува проблемот. Само ни е речено дека се бара решение – изјави Славе Јорданоски, вработен во „Царински терминал“ – Прилеп.

Зоран Стефаноски, вработен во терминалот рече дека порано имало голем прилив на пари, но работите се проблематични година и половина.

– Во Терминалот имало секогаш прилив на пари. Секогаш се чекало ние да земеме плата, па остатокот да се повлече за во „Комуналец“ да исплатат плати. Но последните година и половина немаме никакво разбирање, ниту од „Комуналец“, ниту од локалните власти – рече Стеваноски.

Поддршка на десетмината вработени кои се речиси пред пензија им дава синдикалната организација.

–Застануваме зад вработените кои немаат каде повеќе да се обратат. Директорот на ЈКП „Комуналец“ е запознат со ситуацијата, известен е и градоначалникот. Сега-засега не наидовме на слух. Ќе продолжиме со активности сè додека на вработените не им се исплати тоа што го сработиле. Ако нема разбирање, штрајкот ќе се радикализира. Ќе бараме разбирање од надлежните за да се реши проблемот и да не се радикализира – изјави Пеце Игески, претседател на синдикалната организација.

Од ЈКП „Комуналец“ велат само дека се бара решение на проблемот, а последните години „Царинскиот терминал“ работел со загуба.