Почина големата легенда, титанот на музичката индустрија Квинси Џонс

577
EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO

Една од најголемите музички легенди на минатиот век, заслужна за најголемите хитови на Ела Фицџералд, Френк Синатра, Мајкл Џексон и Реј Чарлс, продуцентот Квинси Џонс почина на 91-годишна возраст во Лос Анџелес во својот дом опкружен со своето семејство.

Неговата кариера траеше повеќе од 70 години, со рекордни 80 номинации за Греми награди и 28 победи.

Со текот на годините, Џонс соработуваше со голем број светски познати ѕвезди, меѓу кои Френк Синатра и Реј Чарлс, како и Мајкл Џексон на легендарниот албум „Thriller“.

Неговиот публицист, Арнолд Робинсон, ја сподели веста и му оддаде почит на титанот на музичката индустрија.

– Вечерва со полни, но скршени срца мораме да ја споделиме веста за смртта на нашиот татко и брат Квинси Џонс. И додека ова е неверојатна загуба за нашето семејство, ние го славиме големиот живот што тој го живееше и знаеме дека никогаш нема да има друг како него, се наведува во соопштението.

Интересната приказна за Џонс започнува со скромни почетоци во Јужен Чикаго кои потсетуваат на најголемите холивудски филмови. Од бегање со бандите на овој град до највисоките височини на шоу-бизнисот, тој стана еден од првите Афроамериканци кои напредуваа во Холивуд и неговиот каталог е богат со најголемите и најважните моменти од американската ритам и блуз сцена.

Со години се шпекулира дека не постои љубител на музика кој не поседува барем еден албум или снимка со неговото име, а истото важи и за лидерите во индустријата и пошироко кои немале барем една врска со него.