Најсмртоносната катастрофа во последните 50 години: Страшни детали од поплавата во Валенсија/ВИДЕО

0
2107

Поплавите што ја погодија Шпанија минатата недела се најсмртоносната природна катастрофа во последните децении. Потврдено е дека загинале повеќе од 200 луѓе, а се очекува тој број да се зголеми поради големиот број исчезнати лица. Експертите предупредуваат дека ова е само дел од катаклизмата што може да ја очекуваме поради климатските промени, доколку брзо не се случат драстични промени.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, изјави дека е потврдена смртта на 211 лица, а се очекува бројот на жртвите да се зголеми додека спасувачите се обидуваат да ги ослободат затрупаните. Од нив, 202 лица загинаа во најтешко погодениот регион Валенсија.

Обилните дождови кои почнаа во понеделникот предизвикаа поплави кои уништија мостови и ги затрупаа градовите во кал, отсекувајќи ги населбите и оставајќи ги без вода, храна и струја. Предупредувањето за временски услови останува во сила за североисточна и јужна Шпанија до недела, додека друго предупредување беше издадено за Балеарските острови во саботата, јавува Би-би-си.

Властите во петокот предупредија дека во некои области патиштата се пропаднати, така што службите за итни случаи не можат да пристапат до нив. Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека ќе испрати уште 5.000 војници и исто толку полицајци во регионот на Валенсија по смртоносните поплави. Во моментов таму има околу 2.000 војници, како и 2.500 жандарми на Цивилната гарда и 1.800 полицајци.

Министерот за територијална политика, Анхел Виктор Торес Перез, изјави дека шпанската армија веќе спасила 4.607 луѓе.

Здружението СОС Десапаресидос, кое споделува информации за исчезнатите преку социјалните мрежи, вели дека добило извештаи за најмалку 1.300 исчезнати лица.

Гневните граѓани фрлаа кал по кралот и кралицата
Шпанскиот крал Фелипе Шести се соочи со гневни демонстранти кога го посети регионот на Валенсија, кој е погоден од катастрофални поплави.

На снимката се гледа како толпата извикува „убиец“ и „срам“ кон кралот, кој исто така беше прашан зошто ништо не е преземено за да се спречи трагедијата.

На видеото се гледа како кралот се пробива по улицата, додека луѓето околу него викаат и скандираат. Некои демонстранти фрлаа нешто што изгледаше како кал врз него. Кралицата Летиција беше со него.

На едно од објавените видеа, кралицата се гледа како ја држи главата, додека рацете и се извалкани со кал.

Водата уби осум луѓе во гаража
Земјата бележи големи есенски бури во последниве години, но ништо не е блиску до уништувањето видено во последните денови, пишува CNN. Повеќе застрашувачки детали се појавуваат од регионот на Валенсија, при што жителите пријавиле голема штета и опишуваат средби со вода што брзо се движи. Судската палата е претворена во привремена мртовечница во истоимениот регионален главен град Валенсија.

Во предградието Ла Торе, каде што водата се искачи на ниво на градите, волонтерите продолжуваат да трагаат по исчезнатите. Таму спасувачките екипи пронашле тела на осум лица во подземна гаража за паркирање, јави RTVE, повикувајќи се на полицијата. Таткото на локален полицаец, една од жртвите во гаражата, за „Ел Мундо“ изјавил дека луѓето брзале да ги преместат своите автомобили, но дека водата нараснала побрзо отколку што очекувале и ги заробила.

-Водата одвлече и друга жена на паркинг, таа почина – изјави таткото на паднатиот полицаец.

„Пајпорта е нулта точка на трагедијата“
RTVE го опиша градот Пајпорта во Валенсија, каде што загинаа најмалку 62 лица, како „нулта точка на трагедијата“. Сведок кој беше фатен во поројот за РТВЕ изјави дека видел неколку автомобили како пливаат покрај него со луѓе кои викаат и барале помош. Многу возачи беа зафатени од поплавата на автопатот и однесени со своите возила, а изгледаше како патот да се спојува со блиската река. Во тој дел се урнал и мост.

Најмалку шест лица загинаа во дом за стари лица во предградието на градот, изјави градоначалникот на Паипорте. Вработените успеале да ги изведат повеќето жители на првиот кат, но не успеале да ги спасат сите.

Кал сѐ уште има на улиците во многу области. Градоначалничката на Валенсија, Марија Хозе Катала, изјави дека плоштадот во Ла Торе се чисти и дека се собира вода и храна. Регионалната влада на Валенсија соопшти дека електричната енергија е вратена на 90 отсто од местата.

Карлос Мазон, претседателот на регионалната влада, ја бранеше својата администрација поради обвинувањата дека властите не ги предупредиле жителите навреме за невремето.

– Прогнозата што ја добивме првично не ја предвидуваше оваа метеоролошка револуција – наведе тој во објавата на „Х“ и додаде дека владата испратила „близу стотици“ црвени предупредувања во текот на денот на невремето, „вклучувајќи и СМС предупредување резервирано за најлошото можно сценарио“.

Делови од Шпанија како да се споија со морето
Смртоносните поплави што ја погодија земјата оваа недела во пресрет на интензивните историски врнежи беа толку големи и моќни што областа изгледаше како внатрешно море од вселената, јавува Си-ен-ен, додавајќи дека во вторникот, источна централна Шпанија добила една година дожд за само неколку часа.

Сателитските снимки од градот Валенсија пред и по поплавата најдобро го покажуваат степенот на катастрофата и покажуваат како медитеранската метропола се трансформирала во каллив пејзаж. Автопатот V-33 беше целосно покриен со дебел слој кал, пишува „CBS News“.

– Ситуацијата е неверојатна. Ова е катастрофа, а помошта има многу малку. Потребна ни е механизација, кранови, за пристап до локациите. Ни треба многу помош, леб и вода – изјави Емилио Куартеро, жител на Масанаса, предградие на Валенсија.

Драматичните снимки покажуваат големи делови од Валенсија потопени во матна, кафеава вода, со улици претворени во реки, автомобили расфрлани по патишта, срушени мостови и потопена пречистителна станица.

Обилните врнежи произведени оваа недела беа околу 12 отсто повисоки од вообичаеното, а шансите да се случат сега се двојно поголеми отколку во прединдустриската клима, пред луѓето да почнат да согоруваат фосилни горива, според прелиминарната брза анализа на World Weather. Организација (WWA).

Климатската криза се влошува
Катастрофата во Шпанија која ги предизвика најсмртоносните поплави во Европа во најмалку половина век е доказ за две непобитни вистини – климатската криза предизвикана од човекот само што почнува да добива на интензитет и, второ, мора брзо да ја убиеме индустријата за фосилни горива пред таа да нè убие, пишува Џонатан Вотс во својата анализа за „Гардијан“ и додава дека тоа треба да биде главната порака на климатскиот самит на ОН Cop29 следната недела во Баку.

– На самитот Cop29, глобалните лидери навистина треба да се согласат да престанат да согоруваат фосилни горива, со крајниот датум. Колку повеќе светот ја одложува замената на фосилните горива со обновливи енергии, толку поостри и почести ќе стануваат екстремните временски настани – изјави Фредерик Ото, шеф на WWA.