Булингот е секаде околу нас – ученички од трето одделение терале врсник да бакнува ВЦ-школка

ПО СЛУЧАЈОТ СО ПОЛОВ НАПАД ВРЗ ПРВАЧЕ, ШТО ЈА ЗГРОЗИ ЈАВНОСТА, УШТЕ ЕДЕН СЛУЧАЈ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО

135

Дискриминација по основ на забавен развој кај ученик, утврдила Комисијата за дискриминација во основно училиште во Аеродром. Комисијата ги уважува наводите на мајката дека наставничката наместо да реагира, ги поттикнувала децата да зборуваат против детето. Мајката во електронската пријава навела дека одделенската наставничка наместо да ги зближува, цело време правела раздор и поделби меѓу учениците, ги терала да зборуваат против него и да го исмејуваат бидејќи момчето потешко го совладувало материјалот поради бавниот развој и дислексијата. Чашата се прелила на крајот на школската година кога 4 соученички го терале да ја бакнува ВЦ-школката во тоалетот. Случајот со утврдената дискриминација врз ученик и булинг во пониските одделенија не е прв. Пред неполн месец јавноста беше шокирана од обидот за полов напад од ученици од прво одделение врз соученик во училиште во Ѓорче Петров

Уште еден случај на булинг во пониските одделенија открива претставка поднесена до Комисијата за дискриминација од страна на мајка на малтретираното момче. Станува збор за  основно училиште во Аеродром, каде што според претставката во која Комисијата видела вознемирување, одделенската наставничка и училишниот психолог, премолчиле малтретирање врз ученик со забавен моторички развој, со дислексија и проблеми со говорот.

Но, не само што го прекривале малтретирањето, туку и тие самите го вознемирувале момчето, навел родителот во жалбата до Комисијата.  Мајката во електронската пријава навела дека одделенската наставничка наместо да ги зближува, цело време правела раздор и поделби меѓу учениците, ги терала да зборуваат против него и да го исмејуваат, бидејќи момчето потешко го совладувало материјалот поради бавниот развој и дислексијата.

Screenshot
Screenshot

Чашата се прелила на крајот на школската година кога 4 соученички го терале да ја бакнува ВЦ-школката во тоалетот. На работилницата за расчистување на случајот, мајката тврди дека место осуда за ученичките за булингот, се изнаслушала клевети против нејзиниот син „во режија“ на наставничката. Побарала и средба со стручната служба но и таму наишла на осуда против нејзиното дете.

„Мајката била примена на разговор кај психологот, која пак не се задржала на проблемот туку почнала со повишен тон да ѝ се обраќа на мајката и да го обвинува нејзиниот син дека тој правел проблеми во текот на целата година, па од дете жртва на булинг го преставила како виновник“, стои во констатацијата на Комисијата за дискриминација.

Училиштето во одговорот до Комисијата, тврди дека штом дознале за настанот, психологот одржал работилница во училницата, за да ја смират и надминат ситуацијата. Во одговорот навеле дека со детето работел стручен соработник-специјален едукатор и рехабилитатор, ученикот покажувал заинтересираност и високи постигнувања во рамки на неговите способности. Психологот, кој според родителот го сметала детето за проблематично, во одговорот напишала пофалби и дека со најдобри намери ја одржала работилницата за булингот врз ученикот. Додале дека при уписот родителите не дале известување за проблемите во развојот и во говорот на ученикот.

Според комисијата, обврска на училиштето била да го испрати детето на проценка кај стручни служби за поддршка при образовниот процес. Комисијата во уважената претставка и препорачува на наставничката и психологот во училиштето дека ако продолжат со дискриминација на ученикот или кон кој било друг ученик, или ако го вознемируваат по различен основ, ќе им поднесе пријава на суд.

Случајот со булинг во пониските одделенија не е прв, пред неполн месец јавноста беше шокирана од обидот за полов напад од ученици од прво одделение врз соученик во основното училиште во Ѓорче Петров. Одделенската наставничка не ги земала за сериозно наводите на момчето од грозоморниот чин, па родителот подоцна го пријавил случајот во полицијата. Во училиштето во Ѓорче се поведе дисциплинска постапка против наставничката и другите колешки кои биле дежурни требало да внимаваат на децата за време на одморот. Таму децата беа разделени, детето-жртва беше оставено во своето одделение заради полесно надминување на траумата.

Според извештајот на Институтот за човекови права, само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основните училиште. Најголем дел се состои од навреди и исмевање, но не е мала и бројката на оние кои потврдиле дека биле жртва на физичко малтретирање. Истражувањето на Институтот за човекови права ја нагласува потребата од прекршочни глоби за раководните лица во образовните установи, доколку има непостапување во случаи на дискриминација, говор на омраза и врсничко насилство. Повикуваат на поголема свест на наставниот кадар и на стручните служби за препознавање и за соодветно реагирање во случај на дискриминација, говор на омраза или врсничко насилство (булинг), преку стандардизирани обуки. (П.А)