Ракавицата е фрлена – политички маркетинг или најава за ново изборно соочување

Политичката ракавица што ја фрли премиерот Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните во октомври идната година, ги активираше опонентите во албанскиот политички блок, кои излегоа со меѓусебни обвинувања, додека од опозициската СДСМ најавија дека утре на прес-конференција ќе го кажат својот став. Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека Интегративците се подготвени за предвремени парламентарни избори идната година заедно со локалните, од коалицијата Вреди порачаа ако Ахмети навистина сака предвремени избори, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката. Од ДУИ возвратија дека се реформирале „со заминувањето на Изет МегаВин Меџити“. Викендов, премиерот појасни дека она што го кажал за време на пратеничките прашања во Парламентот, било со цел да излезат на површина, како што рече, сите лажни лица што ги има во опозицијата

0
145

Политичката ракавица што ја фрли премиерот Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври идната година ги активираше опонентите во албанскиот политички блок, кои излегоа со меѓусебни обвинувања, додека од опозициската СДСМ најавија дека утре на прес-конференција ќе го кажат својот став. Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека Интегративците се подготвени за предвремени парламентарни избори идната година заедно со локалните, од коалицијата Вреди порачаа ако Ахмети навистина сака предвремени избори, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката. Од ДУИ вовратија дека се реформирале „со заминувањето на Изет МегаВин Меџити“.

-ДУИ на дело покажа дека најголемите и најдлабоките реформи се случуваат кога самите криминализирани елементи ќе ја напуштат партијата. Најјасен пример е заминувањето на шефот на урбаниот криминал и слуга на коцкарската индустрија, Изет „Мегавин” Меџити, кој сфати дека неговите криминални активности немаат простор и повеќе не можат да просперираат во ДУИ бидејќи не би го преминале партискиот и државниот ветинг. Ова е доказ за нашата посветеност за чистење и зајакнување на нашите редови за заштита на интересите на граѓаните и обезбедување чиста и чесна политика. Тие што ја напаѓаат ДУИ со соопштенија напишани од нивните сопственици ВМРО-ДПМНЕ и преведени на албански јазик, мора да сфатат дека нивните напори се предодредени да пропаднат пред нашата определба за интегритет и напредок, соопштија од ДУИ.

Оттаму потсетуваат дека Вреди ветиле оти ако не се смени уставот за 6 месеци, ќе си заминат од владата, но не го сториле тоа.

-Само споени избори ја запираат оваа пандемија на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од денешните вазали, затоа немојте да се плашите и дојдете да се измериме на избори, се наведува во партиското соопштение.

Оваа реакција следуваше по барањето од Вреди до лидерот на ДУИ, Ахмети, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката, ако навистина сака предвремено изборно соочување.

-Покерските блефови на Ахмети не треба да се сфаќаат сериозно. Коалицијата Вреди му порачува на Ахмети, наместо да ги храбри уплашените поранешни функционери со лажни барања за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните нека се посвети на внатрешни кадровски и програмски реформи. Сепак, ако навистина сака предвремени парламентарни избори, прво нека депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби, ќе си замине од политиката, за да не трошиме народни пари за проблемите на Ахмети и Села да спречат распаѓање на нивниот таканаречен фронт, се вели во соопштението од Вреди.

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за заеднички парламентарни и локални избори во октомври 2025 година, Ахмети преку социјалните мрежи изрази подготвеност на повторно двојно изборно соочување.

-Ние сме подготвени, како што побаравте од говорницата на Собранието, граѓаните да го кажат својот збор за сите овие прашања и да утврдат по една ипол година од вашата влада ЗА кој пат се! Не бараме учество во Владата за да избегаме од каква било измислена одговорност во континуитет во овие 22 години, која одговорност секогаш се споделувала со вас, туку да го почитуваме гласот на суверенот, да се престане со понижувањето на Албанците, да ја интегрираме земјата во Европската Унија, за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, за целосен ветинг на политичарите, судиите, обвинителите, олигарсите, процесот на приватизација, како и меѓународно мониторирана неселективна правда, напиша претседателот на ДУИ, Али Ахмети на својот фејсбук-профил.

Премиерот Христијан Мицкоски на ова им порача на ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори ќе се подготвуваме кога ќе дојде време.

– Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат сè што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да  бидат одговорни. Затоа, како резултат на тој страв, тие, би рекол, непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи, изјави премиерот Мицкоски и додаде дека оваа Влада има четиригодишен мандат, а повеќе од 600 илјади граѓани пред речиси шест месеци застана зад оваа Влада и коалиција и нејзин приоритет е да го испорача тоа што граѓаните го очекуваат.

Премиерот рече дека она што го кажал за време на пратеничките прашања во Парламентот, било со цел да излезат на површина, како што рече, сите лажни лица што ги има во опозицијата.

– Меѓу себе се храбрат, а кога ќе дојде работата да се испорача таа храброст, некако кукавички се затскриваат и јавноста беше свесна за одговорот што дојде од СДСМ дека тие практично како политичка партија се научени само да импровизираат, а не да испорачаат нешто што е важно за граѓаните, рече Мицкоски.

Понудата за ново соочување на предвремени парламентарни избори, Мицкоски му ја упати на лидерот на СДСМ Венко Филипче на седницата за пратенички прашања, како одговор на обвинувањата од Филипче дека ги лажеле гласачите дека никогаш нема да ја употребат придавката „северна“, а по изборите почнале да го користат новото уставно име на државата. Затоа Филипче го повика премиерот да го врати мандатот.

Премиерот Мицкоски излезе со ваква понуда до опозиционерите, само шест месеци, по убедливата победа на последните избори и во период кога анкетите покажуваат дека тој има најголем рејтинг меѓу политичарите. Според последната телефонска анкета на ИПСОС, спроведена од 9 до 13 октомври на 1.200 испитаници, Македонија се движи во позитивна насока, а граѓаните имаат најголема доверба во премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – 27, 8 отсто. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, има рејтинг од 5, 5 отсто, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски – 4,3 отсто, Димитар Апасиев од Левица – 4 отсто. Кај лидерите од албанските партии на чело е Али Ахмети од ДУИ со 8,6 отсто, Арбен Таравари од АА со 2,7 отсто, и Изет Меџити од Демократско движење со 1,9 отсто. Високи 26,5 отсто одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар. (В.С.Н.)