Нема крај на катастрофата во Шпанија: Земјата се подготвува за нови врнежи по разорните поплави

45
EPA-EFE/MANUEL BRUQUE

Во страшните поплави што ја погодија Шпанија во ноќта меѓу вторникот и средата, најтешко е погоден регионот на Валенсија и според извештајот на шпанската новинска агенција „Ефе“ животот го загубиле најмалку 161 лице. Се стравува дека бројот на жртвите не е конечен, а се уште трае интензивната потрага по десетици исчезнати граѓани.

Повеќе од 1.200 работници се распоредени во спасувачката мисија бидејќи предупредувањата за дожд остануваат на сила во Валенсија. На работниците им помагаат дронови кои бараат знаци на живот под калта и урнатините.

Не е јасно колку луѓе се уште се водат за исчезнати, но премиерот Педро Санчез истакна дека целта била да се спасат „што е можно повеќе животи“ додека ги посетувал погодените заедници.

Шпанската метеоролошка служба (АЕМЕТ) издаде жолти и портокалови предупредувања за тешко погодените Валенсија и Кастелон. Дождот, иако не се очекува да биде толку силен како оној што падна претходно оваа недела, е нов проблем за жителите. Бидејќи земјата е веќе заситена, понатамошните врнежи може да доведат до дополнителни поплави.

Катастрофата е најлошата во Шпанија во последните децении, а властите ги предупредуваат жителите дека вонредната состојба е далеку од завршена.