Зеленски: Путин ја тестира реакцијата на Западот, а реакцијата во светот е нула

68
EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин со вклучување на севернокорејски војници во воените дејствија ја тестира реакцијата на Западот, а доколку таа реакција изостане, странскиот контингент на руска страна ќе се зголеми.

„Со севернокорејскиот контингент Путин ја тестира реакцијата на Западот, земјите од НАТО и Јужна Кореја. И верувам дека по сите овие реакции Путин ќе го зголеми контингентот“, изјави Зеленски во интервју за јужнокорејскиот ТВ канал КБС, пренесува Укринформ.

Реакцијата на меѓународната заедница за вмешаноста на севернокорејската армија ја нарече „нула“.

„Тоа не е ништо, тоа е нула“, рече Зеленски и додаде дека учеството на Северна Кореја во украинскиот конфликт ќе има негативно влијание врз Јужна Кореја, бидејќи, како што наведе, севернокорејската армија ќе стекне борбено искуство.

„Ова е важно. Ова е предизвик и за вашиот регион. Искуството што Северна Кореја ќе го стекне за време на војната…ќе игра против вас и против мирот и заради војна, бидејќи се познати амбициите на лидерот на Северна Кореја“, додаде претседателот на Украина.

Зеленски рече дека верува оти Северна Кореја го вовлекува целиот азиски регион во војна и ќе побара од Русија да се бори на страната на Пјонгјанг во иднина.

„Тие имаат планови. Тие не случајно учествуваат во војната против Украина. „Тие на крајот ќе бараат од Русија да го стори истото за нив“, истакна Зеленски.

Тој изјави дека Северна Кореја со причина почнала да и помага на Русија и дека е изненаден од „молкот“ на Кина.

„Искрено, изненаден сум од молкот на Кина, бидејќи таа е еден од гарантите за безбедноста во вашиот регион. Нема да кажам дека Кина е на наша страна, но верувавме дека таа е еден од гарантите за безбедноста во вашиот регион“, рече Зеленски.