Градските советници не сакаат да ѝ се стави клуч на врата на Зоолошката

244

Градските советници на вчерашната седница не ја усвоија иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошката градина. Тие сметаат дека ваквата иницијатива би значела ставање клуч на Зоолошката, која, според нив, претставува бренд за многу генерации наназад, можеби е најстара на Балканот и дека наместо да се расправа за неа, треба да се работи на подобрување на условите во неа, на нејзини модернизирање и дигитализација.

Еден од подносителите на иницијативата, советничката Драгана Велковска од Зелен хуман град, во одбрана на иницијативата истакна дека на ваков начин ќе се спречат понатамошни страв и болка кај животните.

– Со тоа ќе спречиме внесување нови животни и нови пцовисувања на животните. Ако зборуваме дека одиме во 21 век, се стремиме кон еволуција, прво на лично ниво, а потоа и на колективно, секако, можеме да кажеме дека доволно се грижиме за тоа што нè опкружува и дека не би дозволиле, кога веќе ја имаме моќта во наши раце, да страдаат живи суштества, кои уште како чувствуваат болка, страдање, тага, страв, како што чувствува секој од вас, секој од нас овде. Вработените се, исто така, засегнати од случувањата во Зоолошката градина. Ако сочувствувате со нив, поддржете ја иницијативата – повика Велковска.

Советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО- ДПМНЕ потенцираше дека ЗОО во последниве три години ги доживува своите најтемни денови и затоа смета оти состојбата во која се наоѓа таа не треба да се политизира.

– За овие три години, имаше помор на повеќе од 40 животни, а не само на 18. Според информации што ги добив од ЕАЗА, ако се изгласа иницијативата, животните што живеат во јата, доколку не се внесат нови, ќе бидат доведени во опасност, односно може да пцовисаат. Ова го потврдија и други зоолошки градини. Затоа да не дозволиме да помине оваа иницијатива – заклучи Кирков.

Според координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, нема потреба да се изгласа иницијативата, затоа што и така, со самото тоа што повеќе не сме членка на ЕАЗА, не можеме да внесуваме животни.

– Доколку ја усвоиме иницијативата, тоа ќе значи катанец на вратата на Зоолошката градина, која е бренд за генерации наназад. Во минатото, паметиме и убави нешта и рекордна посетеност. Таа продолжуваше и покрај состојбите во неа – нагласи Јанчева.

Независната советничка Ирена Витина се изјасни дека е за носење нови животни во Зоолошката градина и за подобрување на условите во неа, но не и, како што рече, за носење дино играчки.

Советникот Гордан Шутаров од СДСМ е дециден дека треба да се работи во Зоолошката градина, таа да се модернизира и да се дигитализира.

– Во овој момент е недозволиво да се дискутира за иницијатива што би довела до затворање на Зоолошката градина. Се надевам дека ќе дојде ново одговорно раководство, кое ќе работи на враќање на дигнитетот на Зоолошката градина и на статусот на најпосетувана институција, каква што беше во 2021 година – нагласи Шутаров.

(А.П.)