Со нов предлог закон до поквалитетни учебници, отворен за јавна дебата

11

Министерството за образование и наука информираше дека е изготвен нов предлог-закон за учебници во основното и во средното образование и дека е  поставен на владиниот ЕНЕР-систем (Електронски национален регистар на прописи). Со неговото донесување ќе биде заменет актуелниот од 2008 година.

Во предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаше конструктивна работна средба, соопштуваат од МОН.

Оттаму посочуваат и дека новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата.

Министерката за образование, Весна Јаневска, информираше и дека законот за учебници ќе биде отворен за јавноста 20 дена. Сите заинтересирани граѓани ќе можат да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура. Новина е што овој пат МОН им дава можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници, кои потоа во процедура би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи.

Според првата година, министерката и ресорот ќе се уверат дали повеќето од постапките ќе се префрлат на издавачките куќи. Јаневска очекува да добијат поголем квалитет на учебниците и поголема ефикасност за да не се доведат во ситуација на 1 септември учениците да останат без учебници.

Да се потсетиме, последниве неколку учебни години, основците и средношколците не добиваа навремено дел од учебниците, со некои се доцнеше дури цела година, а во дел од новите беа пронајдени и сериозни грешки. Учебникот по Историја и општество за петто одделение, кој предизвика лавина од реакции кај целокупната јавност, беше повлечен од употреба.