Мицкоски: Нема да направиме ниту еден потег без јасно видлив крај

21

Би било наивно до Собранието да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство пред да се формира влада во соседна Бугарија, која ќе може да преземе политичка одговорност, оцени премиерот Христијан Мицкоски. Според него, таков унилатерален потег би значел целосно загрозување на евроинтеграциите на земјава кои, вели, се веќе загрозени од авантурите на претходната власт. Премиерот стои цврсто на ставот дека Владата нема да презема какви било чекори, пред за тоа да добие јасни сигнали и од Софија и од Брисел дека процесот на интеграција ќе има јасен крај.

– Сигурно нема да влеземе во каква било авантура, инаку ние можевме тоа многу порано да го направиме ако бевме почетници во оваа работа. Ние не сме ниту Бујар Османи, ниту Маричиќ, ниту Ковачевски да бидеме лековерни и наивни да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата и евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија и ќе ги браниме и ќе се бориме. Имајте доверба, никогаш нема да го засрамиме граѓанинот, без разлика на етничката, политичката, партиската или непартиската припадност. Имаме заедничка цел, а тоа е Македонија еден ден да биде од европското семејство, изјави Мицкоски.

Тој рече дека „егзибицијата на Бујар Османи, Маричиќ и Ковачевски ќе нè следи цело време, но прашањето е дали тоа ќе биде последната жртва или на овој пат ќе има нови препреки“.

– Сè додека нема јасно видлив крај, немаме намера ниту еден потег да правиме. Првата наша фаза беше од позиција „тоа е тоа на маса“, до позиција „дајте да бараме решение“. Втората фаза е да имаме политичка влада кај нашиот источен сосед, која ќе може да земе и политичка одговорност. Често пати ми велат, ова се ситуации во кои треба да најдеме решение „вин-вин“. Не можеме, да најдеме „вин-вин“ решение. Не може двајца да победат. Тоа е невозможно. Овде ќе биде „луз-луз“ – секој по нешто ќе изгуби. Но, вака како што е претходно конципиран Францускиот предлог, ние губиме се, а не добиваме ништо. Не мислиме да влеземе во процесот, и по шест месеци, година, три години, повторно некое прашање од средниот век да ни биде пречка да можеме влеземе во 22 век. Тоа нема да го дозволам додека сум претседател на Владата. Кога ќе дојдат медиокритети и егзибиционисти, какви што имавме изминатите седум години во политиката, можеби тие би прифатиле се на сметка на подлабокиот нивен џеб. Мојот интерес додека сум претседател на Владата е интересот на граѓаните. Сè додека 75-80 проценти од граѓаните велат не така, вака, јас тоа мора да го почитувам и ќе го почитувам, изјави Мицкоски.

Прашан дали е можно да се изгради натпартиски став за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски, посочи дека за тоа повикал и во својот говор на 23 Октомври и повторно повика на широко обединување во име на исполнување на стратешката цел на земјава – членството во ЕУ.

– И на говорот за 23 Октомври повикав на натпартиска позиција за многу од отворените прашања кои, според нас како Влада, претставуваат сериозни предизвици. Секој е добредојден, вратата е отворена, секој што ги споделува овие стравови, секој оној што е загрижен, вратата е отворена, може да ни се приклучи. Имаме јасен план и јасна стратегија што ги следиме. Јас го објаснив мојот план и во Берлин, во Брисел и на последната средба што ја имав со претседателката на ЕК, јасен план што треба да се направи. Мораме да го браниме тоа коешто претходните го распродадоа. Ќе го браниме и ќе до одбраниме, изјави премиерот Мицкоски.