Желбата да направат беспрекорно селфи ги чинеше живот две бразилски инфлуенсерки кои се удавија кога потона јахтата на која биле на забава.
И двете не знаеле да пливаат, но одбиле да стават елеци за спасување затоа што сакале убаво да поцрнат и на социјалните мрежи да објават убави фотографии.
Жртви се триесет и седумгодишната Алин Тамара Мореира де Аморим и нејзината другарка, 27-годишната Беатриз Таварес да Силва Фарија, кои упорно ги одбивале понудените елеци за спасување. Јахтата на која имало повеќе луѓе одошто требало, ја превртел огромен бран близу до брегот, токму кога инфлуенсерките требале да излезат од неа.
Како што објавија локалните медиуми, а пренесе „Мирор“, полицискиот комесар во Сао Винсенте, Маркос Александре Алфино, потврдил дека инфлуенсерките одбиле да носат елеци за спасување.
-Некои не сакале да ги облечат затоа што правеле селфи. Тие рекле дека им пречат за да потемнат, изјави комесарот.
Причината за оваа несреќа ја открил капетанот на бродот, кој е еден од петтемина преживеани. Тој дал опсежна изјава за смртните случаи. Рекол дека му било наредено да однесе шест инфлуенсерки и покрај тоа што бродот имал максимален капацитет за пет патници. Појаснил дека кога пловилото го погодил огромен бран, било премногу тешко да се управува со него и почнало да тоне. Капетанот, кој полицијата не го именува, рекол и дека очајнички се обидувал да ги спаси сите.
Телото на Беатрис било пронајдено во морето и извлечено од бразилските поморски пожарникари. Алин била пронајдена мртва една недела подоцна, на плажата Итакитандува.
Од полицијата велат дека се обидуваат да утврдат дали смртта на инфлуенсерките била обична трагична несреќа или можела да биде спречена.
-Сето ова се утврдува многу смирено за да се заклучи дали смртните случаи се засновани на непромисленост или на негрижа, објасни комесарот Алфино.
Мајката на Ајлин, како што пишува „Мирор“, со скршено срце изјавила дека таа не знаела да плива и ги објавила нејзините последни фотографии снимени на бродот на кој го изгубила животот. Другата давеничка, Беатрис, била кросфит тренер и уште од ученичките денови работела како модел.
Локалните медиуми ги именуваа преживеаните како Ванеса Одри да Силва, Камила Алвес де Карваљо, Даниел Гонкалвес Фереира, Габриела Сантос Лима и Натан Кардосо Соарес да Силва. Ванеса подоцна изјавила за локалните медиуми дека група пријатели и инфлуенсери се сретнале да се забавуваат на луксузна јахта и го поминале денот крстарејќи и пиејќи. Тие подоцна се поделиле во две групи за да се вратат на брегот, но едната била преплавена од бран. Ванеса рекла дека успеала да го наметне елекот за спасување и преживеала прилепувајќи се за карпите.
-Имаше момент во водата кога никој не можеше да види никого. Се борев за живот, објаснила таа.
Камила, пак, рекла дека го фатила елекот за спасување во рацете и се држела за него за да си го спаси животот. Додала дека имало многу силни бранови, за малку ќе умреле, а не знаеле да пливаат. Појасни дека се фрлила кон карпите и тогаш си ја повредила ногата и се наголтала вода.
Според бразилските медиуми, несреќата се случила на местото наречено Ѓаволско Грло“, познато по силните бранови и морските струи, поради што се смета за едно од најопасните места за пловидба во близина на Сао Паоло.