За 55 проценти ќе се зголеми цената за приклучок на гас

27

Јавното претпријатие „Куманово гас“ ќе ја зголеми цената за приклучок на гасоводната мрежа, одлучија советниците на последната седница. Цената за приклучокот ќе се зголеми за 55 проценти.

Надлежните од претпријатието велат дека се одлучиле за оваа непопуларна мерка поради високите набавни цени на деловите за приклучок.

– Направивме детална анализа за куќниот приклучок за последниве три години, како се движи цената за деловите што се монтираат. Ние мора да излеземе со оваа одлука за претпријатието да не бележи загуба. Цената ќе се зголеми од 800 на 1.250 евра, и е навистина висока. Затоа апелираме до сите да се изнајдат можности Општината да надомести со субвенции за граѓаните да не ја почувствуваат драстичната разлика – рече директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски.

Советничката Атина Мургашанска од СДСМ истакна дека опозицијата нема да го подржи предлогот.

– Сметам дека ваков огромен скок од повеќе од 50 отсто е навистина неприфатлив. Постојано зборуваме дека сме пионери во гасификацијата, како еколошки пооправдано гориво, а сега, на ваков начин, ги деморализираме и онака малкуте расположени граѓани, кои нема да сакаат да се приклучат – рече Мургашанска.

Митровски посочи дека претпријатието имало вработувања во делот на давателите на услуги, додека бројката на администрацијата останала иста. Тој потсети на лошата енергетска година, кога цената на природниот гас скокна значително и речиси сите субјекти се префрлија на други енергенси за загревање. Лани, цената на природниот гас беше прилично стабилна, што доведе до враќање на потрошувачите, пред сè, правните субјекти. Минатата година, мрежата беше проширена кон техничкото училиште и интернатот. Наскоро ќе биде потпишан договор меѓу претпријатието и овие установи. За идната година се очекува приклучок на дополнителни шест големи субјекти.

– Да се развие ова претпријатие, потребни се огромни средства, основната главнина не е значајно зголемена од самото формирање – потенцираше Митровски.

Со поддршка на ланските субвенции од Владата и од Општината, се зголемил бројот на приклучоци на домаќинствата за сто. „Куманово гас“ ќе реализира уште проекти со поддршка на Владата, бидејќи Општина Куманово аплицираше за проширување на мрежата кон Доброшане.