Во Шпанија потоп, на Балканот пролет, снег во Сахара наместо на Фуџи

111

Водата искина дел од алиштата од моето тело. Имам модринки и гребаници насекаде. Кога водата носеше сè, се држев за она што можев. Брзината на водата беше неверојатна, за „Ел мундо“ раскажува Пако од Валенсија, кој бил спасен од поплавата и сега е сместен во импровизиран центар заедно со педесетина други лица. На Балканот, пак, се ужива во последните топли денови, повеќе налик на пролетни отколку на есенски. Потопло од обично е и во Јапонија каде што природата ја уништи туристичката атракција – белиот врв на планината Фуџи, доцнејќи со снегот цел месец. Вторпат се случува некој да посведочи дека во Сахара паднал снег. Првпат веело во 1979 година, кога снегот на песокот останал еден час, а вторпат неделава, кога остана цел ден. Невообичаено интензивните врнежи во овој најсушен дел од светот во сред пустина формираа и езерце

 

 

Од Шпанија доаѓаат морничави снимки. Тоа што се гледа на нив не личи на поплава, туку на потоп како од времето на Ное. Зафатени се медитеранските региони Валенсија, каде што е најкритично, Андалузија и Мурсија. Според вчерашните информации загинале најмалку 64 лицa, а голем број се водат за исчезнати.

Спасувачите се на терен, каде што има и 1.000 војници. Поплавени се улици, низ кои водата носи автомобили и дрвја, а под вода се и неколку патишта кои се затворени, куќи, ниви… Неколку автопати и селски патишта морале да бидат затворени. Премиерот на Валенсија, Карлос Мазон, ги повика жителите да се евакуираат на повисоките места, а некаде, како што објави весникот „Ел Паис“,  граѓани останале заробени во своите домови и бараат помош.

-Водата искина дел од алиштата од моето тело. Имам модринки и гребаници насекаде. Кога водата носеше сè, се држев за она што можев. Брзината на водата беше неверојатна, за „Ел Мундо“ раскажува Пако, кој бил спасен од поплавата и сега е сместен во импровизиран центар заедно со педесетина други лица.

Предупредувањето за силно невреме останува на сила за поголеми делови од земјата. Метеоролошката служба Аемет соопшти дека ситуацијата во цела Шпанија  нема да се подобри до денеска. Некои училишта и универзитети се затворени, а има проблеми и со железничкиот и со авиосообраќајот.

Поплавите во Шпанија се резултат на интензивни дождови кои се припишуваат на феноменот познат како „ладна капка“, кој настанува кога ладниот воздух минува преку топлите води на Средоземното Море.

Научниците предупредуваат дека екстремните временски настани, како што се топлотните бранови и бурите, се влошуваат поради климатските промени. А годинава тоа никогаш не било повидливо, па може да се каже дека се случуваат чуда. Во друг дел на Европа, на Балканот, на крај на октомври граѓаните уживаат во пролетно време кое за некои е предизвик сè уште да носат куси ракави. Уште поголеми климатски екстреми има на другите континенти. На планината Фуџи во Јапонија за првпат нема снег по повеќе од еден век, а затоа пак, во Сахара вее и дождовите формирале езерце.

Метеоролозите велат дека топлото време на Балканот привршува, а ноември ќе го донесе првиот снег, но засега не предвидуваат временски екстреми, кои би донеле поголеми проблеми. Српскиот метеоролог Иван Ристиќ вели дека продорот на ладен воздух се очекува од 3 ноември. Ладниот арктички воздух в недела треба да продре преку „виенската врата“. Ова, според него би требало да биде прв продор на ладен воздух кој попладневните температури ќе ги сведе на зимски, до шест степени.

-Засега е сè поизвесно многу силно заладување кое со пообилни врнежи на пределите над 800 метри надморска височина би донеле снег, а според пресметките на оперативниот ЕЦМВФ (Европски метеоролошки центар) и на значаен дел на неговите членови, снег би бил можен и во низините. Температурите, особено оние минималните, би отишле во минусни вредности, вели српскиот метеоролог-аматер Марко Чубрило.

Невообичаено топло е и во Јапонија. Оние кои сега се таму за да го снимат снежниот врв на планината Фуџи, останаа со празни раце. Природата ја уништи туристичката  атракција, зашто на оваа највисока јапонска планина уште не паднал снег, што се случува првпат откако пред 130 години се води евиденција за тоа. За два дена влегуваме во ноември, што значи дека снегот доцни цел месец, бидејќи обично почнува да паѓа на почетокот на октомври. Лани, снег на врвот на Фиџи, како што пренесува Би-би-си, е виден на 5 октомври.

Јапонија оваа година го имаше најтоплото лето во историјата, со температури кои меѓу јуни и август беа за 1,76 степени повисоки од просечните. Овој месец  температурите не се многу високи, но и понатаму се над просечните. Во последните 130 години на Фуџи најдоцна паднал снег на 26 октомври. Тоа се случило во 1955 и 2016 година.

Планината Фуџи е висока 3.776 метри, а вулканот на нејзиниот врв последен пат еруптирал пред 300 години.

Затоа пак, пустината Сахара забеле. Ова е вторпат кога некој во светот може да посведочи дека видел снег врз пустинскиот песок. Во оваа најголема топла пустина во светот првпат паднал снег во 1979 година и тоа никој не го видел ниту претходно, ни потоа, сè до пред некој ден. Во 1979 година снегот се задржал половина час, а сега цел ден. За новиот снег во Сахара сведочат фотографии на фотографот-аматер Карим Бучетата, кој сликал во малиот пустински град Аин Сефра.

-Сите беа шокирани кога видоа снег во пустината, тоа е толку ретко. Изгледаше извонредно кога снег го прекри песокот и направив серија фотографии. Снегот се задржа еден ден и сега веќе го нема, вели фотографот.

Дејли меил, пак пишува дека се очекува пустината Сахара да се зазелени за 15.000 години. Но уште еден неодамнешен куриозитет поврзан со ова подрачје, кое е едно од најсушните на планетата, упатува на тоа дека зазеленување би можело да се случи и порано. Пред снегот, климатолозите ги шокираше една друга појава во пустината. Сателитот на НАСА „Лендсат 9“, кој ја набљудува Земјата, сними езерце сред Сахара. Акумулацијата на вода во вид на езеро имала зелена боја, поради алгите. Водата  не е употреблива бидејќи алгите испуштаат токсини. Стручњаците претпоставуваат дека тоа ќе исчезне за неколку недели. Ова е многу ретка појава во пустина, а езерото во Сахара се појави поради големите дождови што ги имаше таму годинава.