Да се зголеми цената за изминат километар на приватните превозници

38

Советничката од Алијанса на Албанците, Макфире Исени, поднесе иницијатива до Советот на Град Скопје за зголемување на цената за изминат километар кај приватните превозници. Градските советници треба да ја разгледуваат оваа иницијатива на седницата што ќе се одржи утре.

Како причина за зголемување на цената за изминат километар се наведува подобрувањето на состојбата во јавниот градски превоз во Скопје, но и тоа што цената за изминат километар не е променета од 2015 година.

– Надоместокот не смее да го надмине износот потребен за покривање на трошоците настанати при вршење на дејноста (просечни вредности на трошоците за гориво, мазиво, гуми, одржување и поправки), реални трошоци – временски зависни трошоци (амортизација, осигурување и регистрација) и бруто-плата на вработените, плус добивка – се наведува во иницијативата.

Се додава дека зголемената инфлација, несомнено, довела до зголемени трошоци, особено во делот на платите за вработените, одржувањето на автобусите, за резервни делови. Притоа, на последниот јавен оглас, Град Белград им доделил 84 линии на приватните превозници, со договор на 10 години, а понудената цена за изминат километар е 138 денари плус ДДВ за соло-автобуси, 174 денари плус ДДВ за зглобен автобус и 98 денари за минибус.

Зголемената цена за изминат километар, како што се образложува  во иницијативата, ќе овозможи обнова на возниот парк кај приватните превозници, односно автобусите со еуро 2 стандард да бидат заменети со понови, еколошки автобуси со минимум еуро 5 стандард, кои задолжително ќе поседуваат клими. Тоа, пак, ќе значи поквалитетен јавен превоз, почист воздух, но и задржување на возачите, кои ги има сè помалку. Промената на автобусите треба да се изврши во период од една година.

Инаку, моменталната цена кај нас е 69 денари за изминат километар, додека цената на нафтата е 67 денари.

(А.П.)