Повисоки плати или закочување на експропријацијата за коридорите

28

Државите правобранители започнаа протести поради незадоволство од ниските плати. На протест во Гостивар, вчера, излегоа 118 правобранители кои побараа покачување на платите во висина од 30 отсто преку потпишување на колективниот договор и велат доколку не го добијат додатокот, ќе стапат на штрајк од 11 ноември, што значи дека нема да ги работат и предметите од експропријацијата на земјиштето за коридорите.

„Протестите кои ќе траат по два часа во текот на денот, се организираат со цел конечно да се уважи едното и единствено барање на вработените, а тоа е утврдување и исплата на додаток на плата во висина од 30 отсто на платата. Пред само два дена од страна на претставници на Владата, токму од овде од Гостивар, беа дадени изјави дека до Нова година ќе се завршат сите постапки за експропријација и дека само за два месеца се завршени 2.432 предмети за експропријација. Од почеток на годината само Гостивар има завршено 1.300 предмети, плус уште 2.000 други предмети. За информација на надлежните, постапките за експропријација од кои зависи изградбата на автопатите и коридорите во Македонија ги водат токму вработените во Државното правобранителство. Овие постапки се само дел од работните задачи на овие вработени кои се адвокати на државата, а нивната основна задача е да го штитат имотот и интересите на државата. За жал, во изминтаиве години државата заборави на нив“, изјави Трпе Деаноски, претседател на претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Тој нагласи дека во државното правобранителство има 118 вработени, а просечната исплатена плата што ја добиваат вработените изнесува околу 28.000 денари.

„Како што изјавуваат и надлежните работата се извршува навремено, ефикасно и ефективно но наместо плата добиваме само пофалби и тапкање по рамо, а платата што вработените ја носат дома е под секое достоинство. Бараме, државата да одвои малку средства од оние кои се предвидени за изградба на автопатите и коридорите и истите да ги пренамени за ваботените, со што ќе покаже дека навистина го цени нивниот труд. Апелираме до Владата да постапи по нашите дописи и веднаш да започенеме преговори за решавање на нашето барање во законски дадените рокови. Бидејќи, во спротивност, протестите како што и најавивме до Владата, овие протести ќе прераснат во штрајк со којшто целосно ќе се блокира работата на правобранителството, а со тоа и постапките за експропријација“, рече Деаноски.

Инаку, состојбата со платите е проблем број еден за поголемиот дел од вработените во јавниот сектор и државната администрација. Нивните примања на месечно ниво се движат од минимална до нешто под просечната плата.

Синдикатите редовно организираат протести поради лошата состојба во која се наоѓаат вработените под државна капа.