КАТАКЛИЗМА ВО ВАЛЕНСИЈА: Хеликоптери извлекуваат луѓе од поројот, повеќе од 63 жртви во поплавите во Шпанија/ВИДЕО

874
EPA-EFE/MIGUEL ANGEL POLO

Најмалку 63 лица загинаа во Шпанија по поплавите кои погодија делови од земјата.

Обилните дождови во вторникот ги поплавија патиштата и градовите, автомобилите пливаа по улиците, а воз излета од шините и оштети домови и згради.

Властите во најтешко погодените области ги советуваа жителите да останат дома и да ги избегнуваат сите несуштински патувања. Владата на Кастилја-Ла Манча побара активирање на Воената единица за итни случаи (УМЕ) поради последиците од дождот во провинцијата Куенка.

Службите за итни случаи соопштија дека најмалку 63 лица загинале во поплавите што го погодија југоисточниот дел на Шпанија. Меѓу жртвите во Валенсија има и деца.

Во Летур 30 луѓе останаа заробени откако реката што минува низ градот се излеа од коритата.

Брзиот воз со речиси 300 луѓе излета од шините во близина на Малага, но властите соопштија дека нема повредени. Возовите на други места исто така се во прекин.

Невремето се очекува да продолжи до четврток, соопшти метеоролошката служба на земјата. На социјалните мрежи се објавени видеа на кои се гледаат луѓе заробени во поплавите, а некои се качувале на дрвја за да избегаат од поројот. Властите користеа хеликоптери за да спасат некои жители од нивните домови.