На 55-годишна возраст почина поранешниот НБА-кошаркар Џерод Мустаф. Причината за смртта сè уште не е соопштена, но починал на својот роденден, 28 октомври. Многумина се простија од него, меѓу првите беше колеџот „Мериленд“, каде што играше пред да замине во НБА.

Сепак, светот го знае и по големиот скандал што избувна во текот на неговата кариера, бидејќи беше обвинет за убиство на својата девојка Алтеа Хејс или поточно беше обвинет за учество во нејзиното убиство, но тие обвинувања никогаш не беа докажани. Тој беше избран како 17. пик на драфтот во 1990 година, од Њујорк никс, каде што помина една сезона, по што замина во Феникс, каде што играше три години.

Токму во тој период се случи трагичното убиство на Хејс, клубот набрзо потоа го отпушти, па тој реши да оди „преку океанот“. Во Европа играше прво за ПАОК, потоа за Андора, Стразбур, Барселона, Париз, Проком Трефл и за Алтај. Кариерата ја заврши во Турција, во 2001 година.

Додека играше за Феникс, на 22 јули 1993 година, Алтеа Хејс беше убиена во својот стан во Аризона. Американските медиуми пренесуваат дека била бремена, дека тој ја замолил да абортира, но таа одбила. На почетокот од истрагата, тој негираше дека биле во врска.

Ноќта на убиството, Алтеа се јавила на свој пријател и му кажала дека во нејзиниот стан е Лавони Вуден, роднината на Џерод, и дека се плаши од него. Службеникот што ја водеше целата истрага сведочеше дека ноќта на убиството ги видел Мустафа и Вуден во близина на нејзиниот стан. Судењето траеше три години, а Вуден беше осуден за убиство и доби доживотен затвор.

Мустаф никогаш официјално не беше обвинет, цело време тврдеше дека не биле во врска. Во текот на судењето, Феникс го стави на списокот со повредени, а потоа, во 1994 година, го исфрли. Семејството на убиената девојка поднесе граѓанска тужба против Мустаф, која беше решена со вонсудска спогодба, за сума што никогаш не беше објавена во јавноста. По тоа, во 2001 година, физички ја нападна тогашната девојка Шаламар Мухамед, за што доби забрана за приближување, која подоцна ја прекрши.