Исклучително необична ситуација се случи во Германија, каде центарот на берлинска Алба, Калифа Кумаѓа, е суспендиран на три натпревари поради удирање на антидопинг истражител.

Ситуацијата се случила на натпреварот од Купот на Германија меѓу Алба и Крајлшамс Мернилс, кој евролигашот го доби со 75:74.

На таа средба 221 сантиметар високиот Кумаѓа беше обвинет дека го удрил антидопинг контролорот, но во крајно бизарна ситуација.

Оваа ситуција за германските медиуми ја опиша директорот на Алба, Марко Балди.

  • Човекот имаше акредитација со логото на Крајлшамс околу вратот. Не ни знаевме кој е, започна Балди, па додаде:
  • Тој се обиде да влезе во кругот на играчите за време тајмаутот на нашиот тренер, дури и турна некои играчи настрана. Можете да замислите. Нашите играчи го истуркаа од кругот. Контролорот потоа повторно застана околу кругот, сакаше да се врати. Еден играч го оттурна, а потоа Калифа му даде знак да се тргне од таму. Потоа го удри по тилот.

Инцидентот се случи поради новото правило кое им дозволува на антидопинг контролорите да пријават кои играчи ќе бидат тестирани по натпреварот.

Според новото правило, тоа сега се прави меѓу третата и четвртата четвртина, наместо вообичаената практика да се најави на крајот од натпреварот.

  • Ова е неверојатно. Никогаш не сум доживеал вакво нешто во 50 години кошарка во Бундеслигата, тврди Балди, кој воедно и поднесе жалба за целата ситуација.