Нема интерес за бесплатно отстранување на хаварисаните возила

15

Ниту еден сопственик на хаварисано возило не се јавил за да ја искористи услугата што ја нуди Општина Куманово за бесплатен транспорт на возило до лиценциран отпад за железо, соопштија надлежните. Акцијата ќе трае наредните триесет дена.

Општина Куманово, заедно со ЈП „Куманово паркинг“ и СВР Куманово, ќе спроведе акција за отстранување на хаварисаните автомобили што не се во возна состојба и со години зафаќаат јавни површини и паркинг- простор.

– Сопствениците на хаварисаните автомобили, со службите на ЈП „Куманово паркинг“, имаат можност бесплатно да го транспортираат возилото до лиценциран отпад за железо. Сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и ќе добие паричен надоместок за него – изјави претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

По завршувањето на акцијата за бесплатен транспорт на хаварисаните возила, задолжените служби ќе почнат со отстранување на возилата што со години зафаќаат простор на тротоарите. Според првичните информации од комуналните инспектори, само во централното градско подрачје во Општина Куманово има седумдесетина автомобили што со години стојат на иста површина. Полицијата ги проверува сопствениците.

Отстранувањето на возилата ќе ги ослободи тротоарите, сметаат надлежните од ЈП „Куманово паркинг“, кои најавија исцртување паркинг-зона Б.