Навистина страшно, надвор ни на душман да не му посакаш да излезе, нема крај на ова, беа само дел од коментарите откако викендов повторно се палеа гуми на Вардариште. Граѓаните се жалат дека по којзнае кој пат не можат да дишат и оти нивните деца постојано ги носат на лекар поради загадениот воздух.

Реагираат оти битно имало поднесено две тужби од две општини до непознат сторител, иако, како што велат им е познат сторителот, но додаваат дека сè се сведува на тоа. Други, пак, прашуваат дали воопшто има инспекција и закон и има ли некој од нив да работи? Трети жители кои живеат во близина на депонијата сметаат дека е редно време мештаните да ги земат работите во свои раце.

Од Инспекторатот на Општина Гази Баба само кратко одговорија на коментарите на граѓаните дека бил извршен увид од нивна страна и била повикана Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Од Зелените од Гази Баба потенцираат дека Општина Гази Баба треба да ги донесе и изгласа двата плана за Вардариште.

-Ветуваа многу досега, но засега нема ништо. Потоа, решението за најголемиот загадувач се префрла на градот и државата. Ако се донесат плановите, ние сме подготвени повторно да ја водиме институционалната борба – потенцираа од Зелените од Гази Баба.

На почетокот на годинава, скопската градоначалничка најави дека за првпат по 60 години се почнува со целосно чистење и санација на старата градска депонија „Вардариште“.

Таа тогаш изјави дека на местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк.

-Оваа локација од место коешто е опасно за здравјето на граѓаните градот Скопје ќе ја претвори во локација за спорт и рекреација која ќе влијае позитивно на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на живот. Ова е реализација на уште еден успешен проект од програмата „За модерно Скопје“, со кој покажуваме дека доколку се сака и се знае како, може да се дејствува и работи поинаку. Нашите сограѓани заслужуваат да живеат во здрава и еколошки чиста животна средина – вели градоначалничката Данела Арсовска.